10 јули, 2025
ПочетнаТЕХНОЛОГИЈАМаск го претстави Grok 4: Наскоро ќе зборува преку роботи

Маск го претстави Grok 4: Наскоро ќе зборува преку роботи

Илон Маск го претстави Grok 4, најновиот модел на xAI, во пренос во живо доцна синоќа, со тврдења за „неверојатна стапка на напредок“ за четботот.

Новиот модел беше претставен како „најмоќниот асистент за вештачка интелигенција во светот“, а во еден момент стримот го гледаа повеќе од 1,5 милиони гледачи.

Вработените разговараа во живо со Маск за резултатите на Grok 4 на популарниот академски тест за големи јазични модели, „Последниот испит на човештвото“, кој содржи повеќе од 2.500 прашања од различни области како математика, наука и лингвистика.

Компанијата изјави дека Grok 4 можел да реши околу една четвртина од текстуалните прашања без дополнителни алатки. За споредба, во февруари, OpenAI изјави дека нивната алатка Deep Research може да реши околу 26 проценти од текстуалните прашања.

Маск изрази надеж дека Grok ќе може да комуницира со светот преку хуманоидни роботи.

„Очекувам Grok да открие нови, навистина корисни технологии најдоцна до следната година, а можеби и до крајот на оваа година. Би можел да добие физичка форма следната година. Размислувајте за тоа“, рече Маск.

За време на стримот, Маск призна дека „понекогаш се грижи дека вештачката интелигенција далеку ќе ја надмине човечката“ и дека се прашува „дали тоа ќе биде лошо или добро за човештвото“.

„Мислам дека ќе биде добро. Најверојатно ќе биде добро. Сепак, некако се помирив со фактот дека дури и да не биде добро, барем би сакал да доживеам да го видам“, додаде Маск.

Покрај ова, Маск се осврна на неодамнешните „испади“ на четботот, односно случаите во кои, по ажурирањето, тој почна да зборува пофално за Адолф Хитлер и погрдно за Евреите.

Во врска со ова, шефот на Твитер рече: „Grok беше премногу насочен кон барањата на корисниците. Премногу желен да угоди и да биде манипулиран, во основа. Со тоа се справуваме.“

Во меѓувреме, во среда наутро, среде контроверзноста околу Grok, извршната директорка на Твитер (X), Линда Џакарино, објави дека ќе ја напушти позицијата по две години, но не даде причина за својата одлука.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП

NEWSLETTER

Добивајте вести на e-mail

Бидете во тек со најновите вести од Денар