Иако дневницата за работа во земјоделството веќе се искачи и над 50 евра, нивите низ земјата се сè посиромашни по број на работници. Проблемот станува особено очигледен во летните месеци: има работа, има и пристоен надомест, но недостигаат оние што би ја сработиле.
„Нудиме 3.000 денари за ден, со вклучена храна, пијалаци, превоз доколку треба — и повторно нема кој да се пријави. Ако се појави млад човек, веднаш се жали на жештината. А ние, постарите, што по цел ден стоиме на сонце?“, прашува Ристо Митревски од Струмичко, земјоделец кој е принуден порано да го заврши собирањето на пиперките и доматите, единствено поради недостиг на работна рака.
Според аграрните здруженија, просечната возраст на сезонските работници веќе надминува 55 години. Дел од нив работат не од желба, туку од нужда — ниските пензии ги туркаат на нива, иако продуктивноста им е значително намалена, особено кога температурите ќе надминат 30 степени.
Од здруженијата забележуваат дека младите добиваат понуда што на други места ја заработуваат за три дена работа, со таа разлика што овде платата е исплатена веднаш и во готово. Но, очигледно е попривлечно да се чека повик за сезонска работа во Хрватска, Германија или во Италија.
Откако пазарите на труд во ЕУ се отворија за македонски сезонци, домашните ниви се најдоа на дното на листата на приоритети за многумина.
Таму платите се повисоки, а самиот факт дека работата се одвива во странство носи чувство на поголема вредност. Во меѓувреме, иако домашните дневници пораснаа од поранешни 600 денари на повеќе од 3.000 денари, интересот останува скромен.
Психологот Сања Љубеновиќ истакнува дека причините не се само економски.
„Кај нас, физичката работа на нива се гледа низ призма на стигма — како нешто што го прават луѓе без образование и средства. Тоа мора да се промени. Чесната работа заслужува почит, а не потсмев“, вели таа.
Земјоделците сметаат дека решение има, но дека е потребна и посериозна државна поддршка.
Тие бараат повторно воведување на субвенции за земјоделска работна сила, можност за организирано вработување преку агенции, како и флексибилно работно време во други сектори, што би им овозможило на луѓето да комбинираат приходи.
„Ние не молиме за помош. Бараме државата да биде вистински партнер. Работата ја има, младите само треба да се појават“, порача Јане Јорданов од Велешко, кој деновиве сам ги собира своите производи бидејќи не нашол никој што ќе прифати да работи за 50 евра дневно.
Ако трендовите продолжат, не е исклучено дел од овогодинешниот род повторно да остане на нивите, необран. Тоа, сепак, не е загуба само за земјоделците — туку за целата економија, која и така се соочува со бројни предизвици.
Б.З.М.