Градежништвото одамна е перципирано како темел на економскиот раст – индустрија што повлекува десетици други сектори зад себе, вработува илјадници луѓе и често служи како индикатор за економската активност.
Но, колку е безбедно кога државата се потпира речиси исклучиво на градежниот сектор за раст? Дали сме на граница на стабилен развој или, пак, на раб на економска зависност од бетон и арматура?
Последните години, Македонија сведочи на вистински бум на градежни проекти – од станбени згради, преку трговски центри, до инфраструктурни зафати.
Податоците покажуваат дека во 2024 година градежниот сектор придонел со над 9% во БДП-то – највисоко во последната деценија. Сепак, не се сите економисти ентузијасти.
„Кога економијата се базира првенствено на градежништво, постои ризик од создавање на економски балон“, вели експертот Марко Николов. Продуктивноста не расте значајно, а градежните проекти често се краткорочни. Кога ќе се завршат, нема нова вредност која долгорочно го храни системот“, објаснува тој.
Од друга страна, бизнис заедницата не гледа толку песимистички.
Сопственик на градежна компанија од Скопје смета дека градежништвото не само што е легитимен двигател на економијата, туку и поттикнувач на иновации.
„Денес не градиме како пред 20 години. Се инвестира во енергетска ефикасност, паметни згради, современа опрема. Ние не вработуваме само градежни работници – тука се инженери, архитекти, дизајнери, ИТ стручњаци. Тоа е мултипликативен ефект“, вели нашиот соговорник.
Дополнително, секторот има важна социјална компонента – според информациите, во индустријата работат околу 50.000 луѓе. За многумина, тоа е влезна точка на пазарот на труд. Но, проблемите не изостануваат – од ниски плати, преку небезбедни услови за работа, до нерегулирани договори.
„Постојат работници кои немаат здравствено или пензиско осигурување, а ги изложуваат животите на ризик секој ден“, предупредуваат експертоте.
Во целата приказна, државата е клучен играч. Преку јавните набавки, инвестициите во инфраструктура и законските регулативи, Владата одлучува дали градежниот бум ќе биде темел за одржлива економија или привремена илузија.
„Не сме против градежништво, но сме за паметно градежништво“, вели универзитетскиот професор по урбанизам, д-р Никола Јованчев. „Ако сè сведеме на цемент, ќе изградиме економија што ќе се распадне при првиот потрес – буквално и фигуративно“.
Јасно е дека градежниот сектор има потенцијал – но само доколку се интегрира во поширок економски контекст, поддржан од производство, технологии и образование. Инаку, од шанса лесно може да стане опасност.
Б.З.М.