1 јули, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАДали монетарниот систем базиран на доларот е одржлив?

Дали монетарниот систем базиран на доларот е одржлив?

Гувернерите на централните банки на САД, еврозоната, Велика Британија, Јапонија и Јужна Кореја ќе се состанат следната недела на годишниот форум на Европската централна банка (ЕЦБ), кога се очекува да ги споделат своите ставови за тоа како трговските тензии и војната на Блискиот Исток влијаат врз инфлацијата и економскиот раст.

Клучното прашање за претставниците од водечките централни банки во светот, кои ќе се соберат во Синтра, Португалија, е дали монетарниот систем базиран на американскиот долар почнува да се распаѓа, објавува Ројтерс.

Иако се чини дека инфлацијата е под контрола во повеќето земји, подлабокото прашање што ќе доминира во дискусиите е дали протекционистичките и непредвидливи економски политики на американскиот претседател Доналд Трамп можат да го загрозат поредокот што владее со светските финансии повеќе од 80 години?

Аналитичарите велат дека шефовите на централните банки се во дилема каква монетарна политика треба да водат, додека инвеститорите се надеваат на навестувања кога претседателот на Федералните резерви Џером Пауел, претседателката на ЕЦБ Кристин Лагард и гувернерите на централните банки на Јапонија, Велика Британија и Јужна Кореја ќе седнат на заеднички панел во вторник.

Пауел веројатно ќе биде под најголем притисок. Трамп со месеци бара намалување на каматните стапки, но Пауел цврсто одбива. Секој знак дека независноста на Федералните резерви е под закана би можел да го поткопа статусот на доларот како водечка валута во светот. Иако позицијата на Пауел неодамна беше зајакната со одлука на Врховниот суд на САД, тој се соочува со продлабочување на поделбата во рамките на FOMC (Комитетот за отворен пазар), кој одлучува за каматните стапки.

Трамп, исто така, размислува за рано именување на наследникот на Пауел, што би го ослабнало неговиот авторитет. „Ако наследникот се смета за некој што е подготвен да ги исполни желбите на Трамп, тоа би можело да ја загрози независноста на Федералните резерви“, според економистите од Investec. Овие стравувања веќе предизвикаа пад на доларот на речиси најниско ниво во последните четири години – 1,17 долари за евро.

Претседателката на ЕЦБ сега се наоѓа во необична позиција на шеф на еврозоната, промовирајќи го еврото како симбол на стабилност. За разлика од нејзиниот претходник, Марио Драги, кој се соочи со шпекулации за распадот на еврото, Лагард ја користи слабоста на доларот за да нагласи дека дојде време за еврото.

Сепак, иако песимизмот кон еврото можеби беше прекумерен, економистите веруваат дека Европската Унија има многу да направи за еврото да стане сериозен конкурент на доларот. Без подлабока финансиска, економска и воена интеграција, еврото тешко може да ја загрози доминацијата на американската валута. Иако постои оптимизам меѓу банкарските експерти, нема гаранции за успехот на европската валута.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП

NEWSLETTER

Добивајте вести на e-mail

Бидете во тек со најновите вести од Денар