Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис наговести дека земјата би можела да развие нуклеарна енергија во иднина како дел од зелената транзиција.
Зборувајќи на конференцијата за енергетска транзиција во Атина, Мицотакис рече дека Грција „треба да биде подготвена да се приклучи на нуклеарната алијанса“.
„Ова може да биде шок за некои од оние што нè слушаат, со оглед на тоа што Грција е земја која нема никаква позадина или искуство во нуклеарната енергија. Но, кога го гледам целокупниот развој на енергетиката, не гледам начин светот да достигне јаглеродна неутралност без нуклеарна енергија, и гледам многу интересен развој во развојот на нуклеарната енергија“, рече тој.
Мицотакис рече дека не верува дека ова ќе се случи наскоро, но дека сака Грција „да биде дел од разговорот“ за употребата на нуклеарна енергија, објави Катимерини.
Во исто време, Мицотакис изрази загриженост за ескалацијата на војната меѓу Израел и Иран, велејќи дека Иран не може да има нуклеарно оружје, но нагласи дека решение може да се постигне само преку дипломатија.
Тој истакна дека ситуацијата во Газа е сè уште многу загрижувачка, поради што глобалниот фокус не смее да се ограничи само на Израел и Иран.
„Фактот што сега го имаме овој конфликт меѓу Израел и Иран не треба да нè обесхрабри да продолжиме да нагласуваме дека ни е потребен итен прекин на огнот во Газа и непречен пристап на луѓето од Газа до значителна хуманитарна помош што ќе ги задоволи непосредните потреби на луѓето“, рече тој.
Мицотакис рече дека Грција нема да учествува во потенцијална мисија на НАТО на Блискиот Исток, нагласувајќи дека Атина не е поврзана со тој конфликт, за кој оцени дека нема воено решение.
„Наша обврска е да обезбедиме заштита на нашите граѓани во поширокиот регион. Многу успешно ја организиравме евакуацијата на некои грчки граѓани од Израел. Ова се сложени операции. Се надевам дека нема да мора да правиме повеќе“, рече тој.