Научниците објаснија дека постојат седум причини зошто некои луѓе се магнети за комарци.
Дали некогаш сте седеле надвор во друштво, а комарците како да ве касале само вас, оставајќи ги другите на мира? Според бројни научни студии, тоа не е само ваша имагинација. Постојат голем број научно докажани причини зошто некои луѓе се магнети за комарци.
Некои од овие причини се поврзани со генетиката и не можат да се контролираат, додека други можат да се ублажат со едноставни промени во облеката, хигиената или однесувањето.
Имате крвна група 0
Од 1970-тите, научниците ја истражуваат врската помеѓу крвната група и привлечноста кон комарците.
Според ентомологот Шенон Харлоу-Елис, дури 80 проценти од луѓето лачат супстанции, т.н. секретори кои сигнализираат за нивната крвна група, кои комарците можат да ги детектираат.
Студија објавена во 2004 година во „Journal of Medical Entomology“ покажа дека азиските тигрести комарци имаат значително поголема веројатност да слетаат врз луѓе со крвна група 0, дури 83,3 проценти од времето во споредба со оние со крвна група А.
Мирисате слатко
Комарците се привлечени од природните телесни мириси како што се потта, млечната и уринарна киселина, кои се под влијание на генетиката и микробиомот на кожата. Секоја личност има уникатен мирисен „отпечаток“, поради што комарците на некои луѓе едноставно не можат да им одолеат.
Студија од 2023 година од Технолошкиот институт во Вирџинија откри дека сапуните и производите со овошни или цветни мириси ја зголемуваат привлечноста кон комарците. Како што рече експертот Винсент Лука, тие мириси имитираат нектар од цвеќиња, па затоа ги лажат дека сте „извор на храна“.
Пот
Потта не е само непријатна, туку е и магнет за комарци. Студија од 2019 година идентификуваше протеин во антените на комарците кој детектира млечна киселина од потта, помагајќи им да го лоцираат човечкиот домаќин. Научниците истражуваат како да го блокираат овој протеин користејќи генетски методи за да спречат ширење на болести што се пренесуваат преку комарци.
Вашето тело е прегреано
Дури и без потење, зголемената телесна температура може да привлече комарци. Харлоу-Елис објаснува дека комарците се привлечени и од телесната топлина и од јаглерод диоксидот што го издишуваме, а двата се зголемуваат кога ни е жешко, вежбаме или брзо дишеме.
Бременост
Бремените жени природно издишуваат повеќе јаглерод диоксид и имаат повисока телесна температура, што ги прави особено привлечни за комарците. Студија објавена во Британскиот медицински журнал во 2000 година покажа дека бремените жени имаат двојно поголема веројатност да бидат нападнати од комарци во споредба со другите жени.
Пиевте пиво
Пивото во сончев ден може да биде освежително, но и покана за комарци. Студија објавена во „Journal of the American Mosquito Control Association“ покажа дека консумирањето пиво значително ја зголемува фреквенцијата на каснувања.
Носите одредени бои
Бојата на облеката исто така игра голема улога. Комарците подобро ги перцепираат темните бои, а особено ги привлекува црна, темно сина, црвена и портокалова. Студија од 2022 година на Универзитетот во Вашингтон откри дека јаглерод диоксидот што го издишуваат луѓето го активира визуелното пребарување на комарците за одредени бои.