Се погласен е бизнис секотор, поточно оние компании кои навремено си го платија еднократниот данок за солидарност кој се броеше во милионски суми, а важеше за остварените резултати во пандемијата. Сега откако Уставниот суд пресече дека таа давачка компаниите ја имале неуставно и парите треба да им се вратат, стопанствениците се почесто си ги бараат парите, но властите не сакаат баш да ги чујат нивните пораки и барања на отворена сцена. Владата во стопанството треба да врати 50 милиони евра.
За ова повеќе да не се случува и од државниот буџет да не треба да се одвојуваат пари кои не се предвидени согласно годишниот план за работа, бизнисмените и порачуваат на оваа и на владите кои ќе дојдат во иднина дека потребна е предвидливост во водењето на бизнис. Од друга страна сега, бизнис секторот вели дека нови 50 милиони евра доколку влезат во нови инвестиции тоа ќе значи дополнително заживување на македонската економија.
„Невозможно е да се гради предвидлива бизнис клима ако со години не се носат клучни, издржани закони кои би го подобриле работењето на компаниите, а се туркаат ад-хок решенија, по скратена постапка. Тоа мора да престане. Мора да научиме да почитуваме принципи и тоа што е договорено, да се имплементира. Не може да се менуваат правилата преку ноќ, ниту треба да се менуваат со секоја промена на власта. Неопходен е континуитет. Бизнисот бара систем, но смета и дека секое решение донесено од страна на државата треба да е добро, не само за стопанството, туку и за граѓаните“. Ова е ставот на Стопанската комора по прашањето за Солидарниот данок.
А, и бизнисот не е толку наивен, по се изгледа дека намириса дека дополнително може да се офајди од британскиот кеш, па од најавените шест милијарди евра 50 милиони ќе може да ги издејствуваат за нивни цели. Но, засега властите не мислат така. Од Министерството за финансии соопштија дека рокот за плаќање или враќање на овие средства до фирмите е пет години, а не веднаш.
„Ќе најдеме начин да ги сервисираме обврските и да обезбедиме стабилност во јавните финансии. Во наредниот период ќе седнеме и ќе разговараме со компаниите кои биле опфатени со ова законско решение и можеби ќе се разгледа и можноста за пребивање. Секако дека сме посветени на фискална консолидација, ефикасно трошење на средствата и ефикасно прибирање на приходите“, изјавија веќе од Министерството за финансии.
На почетокот на февруари годинава Уставниот суд го укуна данокот на солидарност, одлука што значеше дека државата треба да им ги врати парите на сите компании кои во 2023 година платија дека направиле екстра профит во време на здравствената криза.
Планот на тогашната власт, сега опозиција предводена од СДСМ беше дека со тие пари ќе создадат мерки повторно за бизнисот и практично истата сума ќе се врати во стопанството. Од самиот старт бизнисмените беа против овој данок, но и покрај тоа си го платија. Сега бараат парите да им се вратат, бидејќи имаат и судска пресуда.
И.П