Стопанствениците ги потсетуваат властите на нивните ветувања од областа од економијата кога уште беа во опозиција. Бизнис секторот е реален и вели дека им е јасно дека се што е ветено не може да се спроведе целосно, бидејќи Владата покрај кон бизнисот има сериозни обврски и кон граѓаните, но и кон меѓународната заедница за прашања кои влијаат на позицијата на бизнисот. Од Стопанската комора велат дека го поддржуваат се она што е од интерес на државата. Но, велат дека уште еднаш ќе ги повторат нивните барања и одредниците на бизнисот.
Од Стопанската комора велат дека градењето на систем на образование за потребите на бизнисот, потоа конкретна поддршка за извозот преку директни инструменти и мерки поддржани од државниот буџет и подобрување на регионалната соработка како иницијална основа за забрзување на ЕУ интегративните процеси, се повеќе од битни работи кои треба да бидат во фокусот на властите. Дополнително, во одредниците спааѓат и стратешките цели на Комората. Борба против корупцијата и сивата економија, брза гасификација, регулирање на односите помеѓу државата и бизнисот на начин што нема да биде на штета на приватниот сектор, а ќе придонесе за општото добро.
„Во изминатата година постигнат е чекор напред, стекната е комуникација и доверба, но ние како бизнис би сакале крупните одлуки за економски просперитет да мора да бидат донесувани со концензус на сите чинители. Тука мислиме пред се на опозицијата, бизнисот, учесниците во трипартитниот дијалог, науката, невладиниот сектор, медиумите. Неспорно е дека Владата како клучен сегмент во новите одредници ја поставува инвестиционата активност за која очигледно се потрудила да направи сериозна рамка. Плус, активно работи за поголема вклученост на домашните компании на меѓународните проекти“, велат од Стопанската комора.
Според информациите на комората, и понатаму остануваат традиционалните забелешки за однесувањето на јавната администрација, но нема информации за некакви притисоци, закани, кои може да влијаат на оставрување на поставените цели. Во моментов најголеми проблеми имаат фирмите од текстилниот сектор, но општо и фирмите кои долги години наназад неможат да ги надминат проблемите врзани за континуираните кризи.
„За активно да се партиципира во заедничката економска политика, Комората полека но сигурно го исцртува и тимот со кој ќе се обидеме да им помогнеме на компаниите но и на државата во оставрување на зацртаните цели. По конституирањето на Собранието и на Управниот одбор, деновиве ќе бидат избрани подпретседателите на Комората со што ќе се заокружи и пирамидата на управување“, додаваат од комората.
Од Стопанската комора велат дека со 103 годишно иксуство и солидна кадровска основа е спремна за големите предизвици кои стојат пред приватниот сектор. Потенцираат дека Премиерот Мицкоски ја има нивната поддршка да продолжи по одредниците и конечно нашата земја да ги зголеми БДП, профитот на компаниите и да отвори нови работни места. На тој начин ќе може да се сопре одливот на мозоците и конечно ќе се тргне по правиот пат.
Од друга страна, властите велат дека посветено работат на подобрување на економските текови во државата. А потврда за тоа според нив е испорачаниот раст на БДП од над три отсто. Дополнително од Илинденска број два велат дека Македонија е на листата држави кои се интерени за инвестирање од страна на големите меѓународни коорпорации, а сериозна поддршка доби и домашниот бизнис сектор со евтините кредити од Унгарија.
И.П