Озборувањето на работното место носи многу негативни последици и не можеме да кажеме дека треба да се елиминира, затоа што е невозможно, но треба да се сведе до минимум.
Не озборувајте вие. Ако сакате нешто да се промени, започнете од вас. Постојат многу причини поради кои што треба да ставите крај на „пренесувањето“ на информација:
-Озборувањето ја уништува репутацијата и на озборувачот и на озборуваниот.
-Со озборувањето вие повредувате нечии чувства.
-Ако си изградите имиџ на озборувач, луѓето ќе имаат помала доверба во вас.
-Може ненамерно да предизвикате конфликт.
-Ако вие озборувате, поголема е веројатноста да станете мета на други озборувања.
Колку и да ви изгледа примамливо озборувањето со колешките, оставете го за по завршувањето на работното време и за во друштво со луѓе кои добро ги познавате. Колку и да мислите дека колегите ве почитуваат и дека во нив може да имате доверба, не е исклучено еден ден непријатно да ве изненадат.
Внимавајте што зборувате. Понекогаш дури и да немате намера да озборувате, вашите зборови можат да бидат погрешно сфатени. Некои луѓе се склони од секој разговор да си направат настан и лажно да го пренесат понатаму.
Претпоставете дека се што ќе кажете ќе биде раширено. Многу малку луѓе можат да чуваат тајна. И најверните пријатели некогаш може да ве изневерат, а што останува за колегите. Пред да ја отворите устата, добро размислете што ќе кажете, затоа што најверојатно истиот разговор ќе стигне и до други уши.
Извлечете се ако некој започне да озборува во ваше присуство. Доколку започне невкусно озборување во ваше присуство, најдете изговор да се оддалечите од озборувачот. Кажете му дека имате работа или дека сте заборавиле да направите нешто важно.
Научете се да не возвраќате на провокации. Држете се понастрана од луѓе кои со својот разговор сакаат да иницираат озборување. Таквите личности најчесто провоцираат со неколку реченици и потоа оставаат другите да ја преземат топката. Ако се најдете во таква ситуација, едноставно не велете ништо. Оставете го озборувачот да заврши и без коментар за озборувањето најдете начин да се разделите.
Доколку дознаете дека сте мета на озборување, соочете се со озборувачот. Ако дознаете дека се шират гласини за вас, не плашете се да се соочите со оној кој ги започнал или оној кој што продолжува да ги шири. Не преземајќи ништо вие само ќе создадете простор за нови озборувања. Најдобро е веднаш да се соочите насамо со лицето што озборува за вас и да му ставите до знаење дека знаете се и дека очекувате коректно однесување од него. Овој разговор задолжително спроведете го насамо.
Некои луѓе се спремни на се за да го добијат она што го сакаат. Тие најдобро можат да ги искористат вашите зборови против вас. Затоа, внимавајте што и пред кого зборувате на работното место.