16 јуни, 2025
ПочетнаКОМПАНИИФранцускиот амбасадор во официјална работна посета на „Алкалоид“

Францускиот амбасадор во официјална работна посета на „Алкалоид“

Делегација од Амбасадата на Франција, предводена од Н. Е., г. Кристоф Ле Риголер, оствари работна посета на „Алкалоид“ АД Скопје. Во рамките на посетата, чиј домаќин беше Генералниот директор и Претседател на УО, г. Живко Мукаетов, дипломатскиот тим имаше можност да се запознае со работењето на компанијата, финансиските резултати, деловните активности, како и со производствените перформанси и продуктното портфолио.

Деветдецениската корпоративна историја и постапниот раст и развој на „Алкалоид“ на Амбасадорот Ле Риголер му беа презентирани низ обиколка на компанискиот Музеј, во кој хронолошки, во декаден след, е претставена трансформацијата на „Алкалоид“ од скромен фармацевтски локалитет во современ глобален бренд зад кој стојат над 3.000 исполнителни вработени.

Официјалната работна посета на француската дипломатска делегација вклучи и обиколка на производствените капацитети во сегментот ПЦ ‘Фармација’, како и посета на компанискиот Институт за истражување и развој, каде беа презентирани современите технолошки процеси и иновативниот пристап во развојот на нови фармацевтски формулации и производи.

Во фокусот на работната средба се најдоа и клучните стратешки определби на компанијата – силно изразената извозна ориентација, континуираните капитални инвестиции, вложувањата во програмски инструменти за едукација и доквалификација на вработените, навременото воведување и одличната реализација на ESG-стандардите, општествено одговорните проекти, како и стратешката посветеност кон одржлив раст и пазарна диференцијација во глобални рамки.

Франција е една од водечките земји во светската фармацевтска индустрија и претставува значаен меѓународен партнер за „Алкалоид“, со долгорочна и успешна соработка со повеќе водечки француски фармацевтски компании, меѓу кои: „Sanofi Aventis“, „Sanofi Pasteur“, „Ethypharm“, „Saint Gobain“ и други. Франција е меѓу петте најголеми фармацевтски пазари во светот. Високоразвиената француска фармацевтска индустрија во просек учествува со околу 3% во вкупното глобално производство на лекови, со значаен придонес во истражувањето, развојот и извозот на фармацевтски производи.

Официјалната работна посета на францускиот Амбасадор е од особено значење за компанијата и претставува одлична можност за продлабочување на досегашната соработка и за изнаоѓање нови форми на синергија меѓу „Алкалоид“ и француските фармацевтски компании.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП