15 јуни, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАWork & Travel – почетокот на заминувањето без враќање

Work & Travel – почетокот на заминувањето без враќање

Сè почнува како авантура, како студентски сон. Неколку месеци во Америка, работа, забава, патување. Прво влегување во светот на „реалните“ плати, во систем што функционира, во држава каде што времето значи пари, а трудот вреди.

Програмата Work & Travel ја почнуваш со идеја дека ќе се вратиш побогат – со искуство, со пари, со приказни. И се враќаш, но никогаш целосно.

Се враќаш со немир, со чувство дека тука нешто не е како што треба. Сè ти станува тесно: платата, менталитетот, администрацијата, очекувањата. Започнуваш да ги споредуваш системите. Како таму се почитува пауза за ручек, а овде на пауза се криеш од шефот. Како таму за 8 часа си дома, а овде и по 10 си и „уште е малку“.

И тогаш почнуваш да мислиш: А зошто да не одам уште еднаш? Овојпат на подолго, на работа, за стално.

Иселувањето повеќе не е трагедија, туку логичен чекор. Луѓето не бегаат само од државата, туку бегаат од чувство на безнадежност. Од систем каде што се трудат, а никој не го забележува тоа. Од компании што очекуваат лојалност без да понудат стабилност. Од држава каде што надежта станала нарачка што доаѓа со доцнење.

Во разговор за Денар, Александар (29) од Прилеп, кој трета година заминал на Work & Travel програма и останал во Чикаго, вели:

„Не заминав поради платата. Заминав поради мирот што го почувствував таму. Никој не ми се мешаше, никој не ме праша кој ми е татко, колку години имам, дали имам ‘врски’. Само ме оценија според тоа што го знам и како работам.“

Токму ова е приказната на многу млади. Не бараат раскош, бараат фер третман. Бараат можност и бараат почит.

Македонија не губи луѓе поради сиромаштија – губи поради разочараност. Од систем, од институции, од ветувања што не се остваруваат. Губиме млади кои би останале – доколку имаа причина.

Наместо осуда за оние што заминуваат, време е да се запрашаме – Што им нудиме на оние што сакаат да останат?

Дали го вреднуваме трудот како што треба? Дали го слушаме незадоволството? Или го игнорираме – додека последниот го изгаси светлото?

Б.С.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП