Американската компанија „McDonald`s“ ја објави својата намера следната година да инвестира меѓу 2,9 и 3,0 милијарди долари (2,2 милијарди евра).
Компанијата сака да инвестира во отворање на 1.500 до 1.600 нови ресторани и обнова на 1.000 постоечки.
Најголемиот светски ланец за брза храна, кој во последно време тешко успева да ја зголеми продажбата, во оваа година бележи пад на инвестициите за 100 милиони, така што тие ќе изнесуваат до три милијарди долари, пренесува Рoјтерс.
Групацијата, исто така, соопшти дека за 2014 година предвидува зголемување на трошоците за суровини од еден до два проценти на американскиот пазар и меѓу 1,5 и 2,5 проценти во Европа.
Вкупните трошоци за работењето следната година можат да бидат поголеми за околу 200 милиони долари поради зголемувањето на трошоците за работа, но и поради спонзорството на Зимските олимписки игри на почетокот на 2014 година во Сочи, Русија.
За 2014 година „McDonald`s“ потврди дека очекува зголемување на продажбата од три до пет проценти, како и зголемување на профитот од шест до седум проценти.