Сите оние кои планираат летен одмор во Грција во 2025 година веќе почнуваат да ги бројат трошоците и да го планираат буџетот за претстојното патување.
Оваа популарна туристичка дестинација останува примамлива, но цените значително варираат во зависност од регионот и островите што ги избирате.
Според деталниот извештај на порталот „Грција инфо“, вообичаено, цените во северниот дел на Грција се пониски во споредба со познатите и луксузни острови како што се Миконос и Санторини.
„Цената на една топка сладолед во Солун може да се најде и за две евра, додека на Миконос истата чини и до пет евра. Важно е туристите да го знаат ова за да немаат изненадувања“, изјави Милан Јовановски, туристички агент од Скопје кој со години испраќа туристи во соседна Грција.
Што се однесува до храната и производите во маркетите, многумина забележуваат дека цените се нешто повисоки од минатата година.
Литар млеко сега чини од 1,12 до 2,80 евра, додека за пакет од 12 јајца ќе треба да издвоите помеѓу 2,20 и 3,50 евра. Посебно внимание треба да се обрне на маслиновото масло кое и оваа година е поскапо – популарниот бренд MrGrand од четири литри сега достигнува цена од речиси 50 евра.
Пазарите за овошје и зеленчук остануваат привлечни и пристапни. Така, килограм домати е околу 2 евра, краставици се продаваат за нешто повеќе од половина евро по парче, а килограм лубеница е помеѓу 1,20 и 2,00 евра.
Сепак, повеќето туристи најмногу се интересираат за цените во рестораните.
„Ако сакате традиционална гиро пита, подгответе меѓу 3 и 4,5 евра. Оброците во рестораните генерално се движат од 15 до 50 евра во зависност од нивото на рестораните и локацијата“, објаснува Марко Ристевски, турист на полуостровот Халкидики.
За пијалаците, цените се речиси непроменети – домашно пиво е околу 5 евра, а коктелите на плажа чинат меѓу 8 и 15 евра.
Туристите кои сакаат повеќе активности треба да сметаат и на дополнителни трошоци за изнајмување превозни средства.
Автомобилот на дневно изнајмување чини меѓу 25 и 70 евра, а скутер или велосипед може да се најде и за помалку од 15 евра на ден.
„За еден просечен одмор, семејство со две деца треба да има буџет од околу 60-70 евра дневно, што вклучува и пазари и повремено одење во ресторан“, советува Јовановски, додавајќи дека добро планирање може значително да ги намали вкупните трошоци.
Б.З.М.