14 јуни, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈА„Македонско село“ конечно ќе заживее – закажано е свеченото отворање

„Македонско село“ конечно ќе заживее – закажано е свеченото отворање

На падините на Водно, каде тишината често беше прекинувана само од чекори на љубопитни посетители кои низ оградата се обидуваа да ѕирнат во заборавениот проект, „Македонско село“ конечно ќе добие нов живот.

На 19 јуни, комплексот и официјално ќе биде предаден на новиот концесионер, кој има задача да го врати духот на македонската традиција и занаетчиство – но и довербата на скопјани.

Иако официјалното големо отворање е најавено за крајот на месецот, интересот веќе расте. Социјалните мрежи вријат од коментари – дел од граѓаните со носталгија се сеќаваат на последните прошетки меѓу старинските куќарки, додека други со доза на резигнација го дочекаа веста.

„Ќе одам да видам. Страв ми е дека ќе го претворат во уште едно скапо кафуле за елита“, вели Марија Димитриевска од Тафталиџе, која во минатото неколку пати го посетила комплексот со семејството.

Од новиот концесионер, кој ќе стопанисува со „Македонско село“ следните 15 години, уверуваат дека целта е токму спротивната – враќање на автентичната вредност и отворање на комплексот за пошироката јавност. Ќе се понуди комбинација од културни настани, гастрономско искуство и промоција на традиционални занаети, велат тие.

Самиот комплекс се состои од 12 реконструирани куќи кои репрезентираат различни македонски региони. Во нив се сместени хотелски соби, изложбени простори и ресторани. Секој дел, според најавите, ќе биде функционален, а амбиентот зачуван.

„Ми недостасуваше тоа место. Ние сме од Нерези, и порано често одевме со гости од странство. Срамота беше што стоеше заклучено толку години. Ете, ако го направат како што велат – ќе им простиме“, ни рече со насмевка Ванчо Јанев, пензионер.

Експертите  велат дека повторното активирање на комплексот ќе има сериозно влијание врз локалниот туризам и економија, особено за населбите кои гравитираат околу Водно. Според нив, ова е шанса да се подобри и понудата за викенд-туризмот во метрополата, но и да се оживее културниот туризам.

„Скопје треба да има свое етно-срце. Туристите бараат автентично, а не само урбана слика од бетон. Ако овојпат се работи со визија, верувам дека ‘Македонско село’ може да стане обележје на градот“, вели архитектот Борис Петрушев.

Додека институциите ветуваат „нова приказна со корени во минатото“, граѓаните ќе ги чекаат првите резултати.

И дали конечно, по седум години тишина, „Македонско село“ ќе стане гордост наместо симбол на нереализирани ветувања – останува да се види.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП