Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД) Доналд Трамп, изјави дека е подготвен да го продолжи рокот за завршување на трговските преговори со други земји по 8 јули, пред да стапат во сила повеќе американски царини, но дека не верува дека тоа ќе биде потребно.
Трамп синоќа, разговарајќи со новинарите пред почетокот на изведбата на „Les Misérables“ во Центарот Кенеди, изјави дека трговските разговори на САД продолжуваат со околу 15 земји, вклучувајќи ги Јужна Кореја, Јапонија и ЕУ.
Тој најави дека Соединетите Американски Држави ќе испратат писма за една до две недели во кои ќе ги наведат условите на трговските договори со десетици други земји, кои можат да бидат прифатени или отфрлени, објави Ројтерс. Трамп се согласи да го продолжи рокот за воведување на 50 проценти царини за ЕУ до 9 јули.
Министерот за финансии на САД, Скот Бесант, во средата пред Комитетот на Претставничкиот дом на САД изјави дека постои „голема веројатност“ Трамп да го помести рокот од 8 јули за постигнување договор со главните трговски партнери на Соединетите Американски Држави, објави Политико.
Бесент рече дека Вашингтон е подготвен да го продолжи рокот за да се овозможи продолжување на трговските преговори, истакнувајќи дека 18 главни партнери во моментов се вклучени во такви разговори.
Трамп го постави рокот во јули откако ги паузираше двоцифрените „реципрочни“ царини за повеќе од 60 земји во април.
Тој се закани дека спроведувањето на царините ќе започне на 9 јули освен ако другите земји не се согласат да ги отстранат своите трговски бариери против САД и да решат други административни проблеми.