Јаткастите производи се познати како многу здрава храна, но често се препорачува умерена консумација поради калориите што ги содржат. Ова не значи дека треба целосно да се избегнуваат.
Напротив, како што пишува порталот „Eating Well“, бројни студии покажале дека луѓето кои консумираат јаткасти плодови имаат подобро метаболичко здравје, добиваат помалку тежина и имаат помал ризик од дебелина.
Според диететичарката Бјанка Тамбурело, јаткастите плодови се одлична храна за слабеење бидејќи содржат здрави масти кои го зголемуваат чувството на ситост, како и протеини и влакна кои ве држат сити подолго време.
Таа ја нагласува важноста на умерената консумација бидејќи „вистината е дека содржат многу калории по порција, но тоа не е причина да ги избегнувате. Целете кон една до две порции дневно“.
Иако сите јаткасти плодови носат бројни придобивки, бадемите се издвојуваат како најкорисни за слабеење.
Зошто бадемите се добри за слабеење?
Диететичарката Саманта Меклауд објаснува дека „влакната се неопходни во секоја диета, а повеќето луѓе не внесуваат ниту половина од препорачаниот дневен внес. Ако се обидувате да ослабете, влакната можат да ви помогнат да останете сити подолго време“.
Околу 56 грама бадеми содржат повеќе од седум грама влакна, а влакната имаат бројни придобивки. Освен што помагаат во контролата на апетитот, влакната ги намалуваат нивоата на воспалителни молекули во телото (како IL-6 и TNF), го подобруваат варењето на храната, го намалуваат ризикот од срцеви заболувања и дијабетес тип 2, па дури и можат да го намалат ризикот од рак на дебелото црево, пишува „Eating Well“.
Бадемите се исто така богати со растителни соединенија како флавоноиди и полифеноли, кои имаат моќни антиинфламаторни својства. Нивната кора содржи висока концентрација на антиоксиданси, а воспалението често се поврзува со прекумерна телесна тежина, инсулинска резистенција и дијабетес тип 2.
Бадемите исто така помагаат во балансирањето на цревната микробиота, што дополнително ги намалува воспалителните процеси. Меклауд додава: „Влакната во бадемите исто така помагаат во стабилизирање на нивото на шеќер во крвта, што е уште еден начин на кој тие го намалуваат воспалението“.
Покрај влакната и нивните антиинфламаторни својства, бадемите се и природен извор на протеини. Тие содржат над 12 грама протеини на 2 унци бадеми. Протеините го забавуваат варењето на храната, ве одржуваат сити подолго време и помагаат во зачувувањето на мускулната маса.
„Премногу диети често доведуваат до прејадување подоцна. Храната богата со протеини ви помага да останете сити, а воедно ги зачувува и мускулите, што е клучно за побрз метаболизам“, забележува Тамбурело.