Санторини, еден од најпознатите острови на Егејското море, ја менува својата туристичка стратегија за да одговори на предизвиците што ги носи падот на бројот на туристи во 2025 година – делумно предизвикан од земјотресите на почетокот на годината, а делумно од заситеноста на масовниот туризам.
Падот на туристичките пристигнувања изнесува над 30 проценти во споредба со претходната сезона, што доведе до потреба од итни мерки.
Нова стратегија: одржлив туризам и нов менаџмент
Островот Санторини сега се движи кон поодржлив и регулиран модел на туризам – целта е да се подобри квалитетот на престојот на гостите, да се зачува автентичноста на дестинацијата и да се олесни преоптоварената инфраструктура.
На 6-тата Регионална конференција на Грчката федерација на хотелиери, одржана на островот, беше испратена јасна порака: Санторини е подготвен за сезоната 2025.
– Денес островот е подготвен за новата сезона, ние остануваме безбедна и гостопримлива дестинација, а ова е пораката што сакаме да ја шириме – изјави грчката министерка за туризам Олга Кефалојани.
Таа, исто така, истакна дека е потпишан меморандум за соработка за формирање на Организацијата за управување и промоција на дестинации (DMMO), како клучна алатка за одржлив развој на туризмот:
– Предизвиците со кои се соочивме беа ефикасно решени, демонстрирајќи ја нашата способност да одговориме на вонредни ситуации – додаде Кефалојани.
Таа, исто така, го објави планот на Министерството за зголемување на бројот на туристи во текот на целата година, а не само во текот на шпицот на сезоната.
– За да го постигнеме ова, се фокусираме на модернизација на туристичката инфраструктура прилагодена на специфични форми на туризам, подобрување на квалитетот на услугите преку образование и обука и промовирање на законски иницијативи што поддржуваат здрав пазар – рече министерката.
Бројот на пристигнувања се намали, но оптимизмот останува
Според претседателот на Грчката туристичка конфедерација (SETE), Јанис Параскис, бројот на авионски седишта за Санторини досега се намалил за 26% во 2025 година. Се очекува летната понуда да биде помала за 7-8%, што би можело да значи пад на пристигнувањата за 10-15% во споредба со 2024 година.
– Овие бројки одразуваат силни долгорочни резултати, рече Параскис, потсетувајќи дека бројот на меѓународни пристигнувања се зголемил за 112% во споредба со 2015 година и за 45% во споредба со 2019 година.
И покрај падот, се очекува вкупниот грчки туристички пазар да порасне во 2025 година со 7% повеќе воздушни пристигнувања низ целата земја.
Попусти, но и проблеми – од инфраструктура до сместување
Претседателот на Здружението на хотелиери на Санторини, Андонис Пагонис, предупреди за недостатокот на основна инфраструктура.
– Јавните инвестиции се неопходни. На Санторини во моментов му недостасува пристаниште и марина, кои се клучни за привлекување луксузен туризам – рече тој.
Хотелиерите се обидуваат да ги ублажат последиците од кризата нудејќи попусти во последен момент и промотивни цени, пишува Euronews. Од јули 2025 година се воведува и нов данок на крузерите, кој, според проценките, нема дополнително да ја влоши ситуацијата – барем не оваа сезона.
Пагонис, исто така, предупреди за растечките проблеми со краткорочното изнајмување, што влијаеше на скокот на цените за изнајмување за дури 80%, дополнително оптоварувајќи ја локалната инфраструктура.
– Масовниот туризам е термин што повеќе не може целосно да ги опфати овие предизвици – нагласи тој.
Мали фирми без пристап до финансирање
Претседателот на Грчката федерација на хотелиери, Јанис Хацис, предупреди за финансиските бариери со кои се соочуваат малите и микротуристичките бизниси.
– Повеќето хотели се мали или многу мали бизниси кои се исклучени од банкарското финансирање и стимулациите за развој – рече тој.
Тој, исто така, ја критикуваше идејата дека Грција треба помалку да се потпира на туризмот.
– Треба да го препознаеме туризмот како структурен столб на развојот и да усвоиме национален план што ќе ги поттикне инвестициите, ќе ја намали нелојалната конкуренција и ќе обезбеди долгорочна институционална стабилност – заклучи Хацис.