Сѐ повеќе македонски граѓани кои летуваат во Грција пријавуваат необични и сомнителни ситуации на паркинзи пред маркети, сервиси или автопати.
Последниот таков случај дојде од туристка која летувала во Неа Врасна, каде што на паркингот пред маркетот „Масутис“ ја пречекала непозната жена со тврдење дека ѝ тече црвеникава течност од автомобилот.
Настанот се случил непосредно по излегување од маркетот, а според сведоштвото, течноста делувала како да е намерно истурена – немала мирис, не била мрсна, ниту пак покажувала типични карактеристики на течности од автомобил.
Дополнително, жената што го пријавила „протекувањето“ побарала од туристката да не го пали возилото и да отиде веднаш во автосервисот, кој – сосема „случајно“ – се наоѓал точно преку патот.
Нашинката, запознаена со тоа дека нејзиното возило било сервисирано пред патувањето и дека не покажува никакви проблеми, одлучила да не почне да паничи и да не ја послуша сугестијата. Како што подоцна дознала – автомобилот функционирал беспрекорно.
Овој случај ја отвора темата за можна нова измама насочена кон туристи, особено жени кои патуваат сами.
Сценариото се заснова на создавање лажен впечаток за дефект, со цел да се натера возачот да побара услуга во однапред подготвен сервис. Во најдобар случај, тоа значи наплата на непотребна дијагностика или „поправка“. Во полоша варијанта, можно е сценариото да служи како одвлекување на внимание – при што додека сопственикот е зафатен со проверка на „проблемот“, некој друг да се обиде да влезе или да го украде возилото.
Безбедносните експерти велат дека токму ваквите тактики – создавање чувство на ургентност и стрес – се најчесто користени од измамници кои таргетираат туристи.
Посебно ранлива категорија се патници-самци, семејства со мали деца и постари лица.
Грција е една од најпопуларните дестинации за македонските туристи, со илјадници возила што секојдневно транзитираат низ приморските места – што ги прави и потенцијална мета за брзи и добро осмислени измами.
Експертите апелираат до туристите да не реагираат набрзина при слични ситуации.
„Ако не сте сигурни дали нешто навистина тече од вашиот автомобил, прво проверете дали возилото прикажува грешки, и ако е можно – поместете се од местото и сами проверете на безбедна локација. Не подлегнувајте на притисок, особено ако соговорникот инсистира да одите во некој конкретен сервис“, велат познавачите.
Туристите се советуваат пред пат да направат комплетна техничка проверка на возилото, да имаат патна асистенција и осигурување, како и доверливи контакт броеви.
Во случај на сомнителна ситуација, препорачливо е веднаш да се извести локалната полиција, а по можност и амбасадата или конзулатот на Република Северна Македонија во Грција.
Иако повеќето летни искуства во Грција се пријатни и безбедни, ваквите инциденти се потсетник дека вниманието никогаш не смее да попушти – особено кога станува збор за возилото, личната безбедност и навидум „пријателски“ совети кои можат да нè чинат скапо.
Б.З.М.