Економската криза ја чинеше германската индустрија повеќе од 100.000 работни места во рок од една година. Автомобилската индустрија беше најтешко погодена.
Само во овој сектор беа изгубени околу 45.400 работни места, според анализата на ревизорската и консалтинг-компанијата EY.
На крајот од првиот квартал, индустријата вработуваше 5,46 милиони луѓе – што е за 1,8 проценти или 101.000 помалку од претходната година, според студијата заснована на податоци од Федералниот завод за статистика, пишува агенцијата DPA.
Од пред пандемијата во 2019 година, бројот на вработени е намален за 217.000, што е намалување од 3,8 проценти. Уште во 2018 година беше забележан рекорд со околу 5,7 милиони вработени.
Индустриските компании се под огромен притисок, вели Јан Брорхилкер од EY.
„Агресивните конкуренти, како оние од Кина, ги намалуваат цените, клучните пазари слабеат, побарувачката во Европа стагнира на ниско ниво, додека иднината на целиот американски пазар е во голем знак прашалник. Во исто време, компаниите се борат со високи трошоци – како оние за енергија и работна сила“, рече Броерхилкер.
Приходите од индустријата, по падот на почетокот на минатата година, продолжија малку да опаѓаат.
Крајот на намалувањето на работните места сè уште не е на повидок, вели Броерхилкер. Тој предвидува загуба од најмалку уште 70.000 до крајот на годината.
Особено во машинскиот и автомобилскиот сектор, компаниите започнаа програми за штедење. „Ќе слушаме лоши вести уште некое време пред ситуацијата да почне да се подобрува.“
Само во автомобилската индустрија, речиси шест проценти од работните места беа изгубени во рок од една година. До крајот на март, работеа околу 734.000 луѓе.
Исто така, во производството на метали и текстилната индустрија, беше забележан значителен пад на вработеноста, од над четири проценти во двата сектора. Спротивно на тоа, речиси и да немаше отпуштања во хемиската и фармацевтската индустрија.
Индустриската криза веќе започна дебата за иднината на Германија како индустриски центар – критичарите зборуваат за деиндустријализација.
Сепак, вработеноста во индустријата порасна на долг рок. На крајот од минатата година, имаше 3,5 проценти или 185.000 повеќе луѓе отколку во 2014 година.