Иако глобалните и регионалните случувања донесоа неизвесност, македонскиот пазар на недвижности покажува стабилност и континуиран интерес од купувачите. Според домашните експерти, се очекува умерен раст на цените и во следните неколку години, поддржан од макроекономската стабилност и ограничената понуда.
„Недвижноста сè уште е најсигурната форма на инвестиција во Македонија. Довербата во хартии од вредност, берзи или криптовалути е мала кај нашите граѓани, а недвижностите остануваат најпривлечна алтернатива за заштита и зголемување на капиталот“, вели еден од познавачите на пазарот, архитект и инвеститор.
Во Скопје и другите урбани центри, побарувачката продолжува да го надминува понуденото, особено за новоградба. Ова дополнително ги одржува цените на високо ниво, иако дел од експертите посочуваат дека објавените цени честопати се повисоки од оние постигнати при конечниот договор.
Зошто Македонците купуваат станови?
Причините се повеќе, од миграција од рурални кон урбани средини, до желбата за обезбедување сопствен дом за младите семејства. Голем дел од купувачите средствата за нова недвижност ги обезбедуваат преку продажба на постоечки имот, при што парите повторно ги инвестираат во недвижности.
„Купувачите не сакаат ризик. Тие ретко се одлучуваат да ги вложат своите пари во акции или обврзници. За нив, поседувањето стан – особено во Скопје е форма на сигурност. Дополнително, тоа носи потенцијален приход преку изнајмување“, додава експертот.
Каде расте пазарот најмногу?
Скопје сеуште останува најатрактивна локација, но последните години се забележува раст и во градовите како Битола, Тетово, Охрид, Гевгелија и Штип. Особено е изразен интересот за станови во централните зони и новите населби со добра инфраструктура и достапност до услуги.
Според податоците од Катастарот, просечната цена по квадратен метар во Скопје се зголемила за над 5% во последниот квартал од 2024 година. Трендот се очекува да продолжи и во 2025 година, но со побавна динамика.
Дали е сега вистинското време за купување?
За многумина да. „Секое одложување значи повисоки трошоци. Банкарските каматни стапки се релативно стабилни, но во комбинација со растечките цени на материјалите и ограничената понуда, логично е дека недвижностите ќе продолжат да поскапуваат“, порачуваат агентите за недвижности.
Стан или куќа?
Во Македонија, становите доминираат. Купувањето куќа често значи дополнителни компликации – од недоволно регулирани имотноправни односи до скапи реновирања и одржување. Становите се полесни за купопродажба, издавање и ревалоризација.