15 јуни, 2025
ПочетнаАВТОБИЗПрви фотографии: Легендарниот „Jeep“ се враќа! (ФОТО/ВИДЕО)

Први фотографии: Легендарниот „Jeep“ се враќа! (ФОТО/ВИДЕО)

Сосема нов дизајн, како и хибридни и електрични погони, ќе го означат враќањето на познатиот модел.

„Jeep“ ја прекина петтата генерација на Чероки во 2023-та година по успешна десетгодишна производствена серија. Сепак, неговото „пензионирање“ не траеше долго.

За 2026-та година, „Jeep“ подготвува сосема нов „Cherokee“, а првите фотографии откриваат што можеме да очекуваме од следната генерација на овој „SUV“ од средна класа.

„Cherokee“ за 2026-та година го усвојува најновиот дизајнерски јазик на брендот, кој првпат го видовме на моделот „Wagoneer S“, а потоа и на новиот „Compass“ претставен во мај.

На предниот дел доминира препознатлива решетка со традиционални седум отвори, додека каросеријата задржува робусна и позната форма.

Задниот дел не е видлив на прикажаните фотографии, но се претпоставува дека наликува на „Compass“.

Новиот „Cherokee“ ја користи механичката платформа „STLA Large“ на „Stellantis“, што значи дека ќе биде достапен со различни опции за погон.

„Jeep“ веќе потврди хибридна верзија, додека се очекуваат и бензински и целосно електрични варијанти. Истата платформа ќе се користи и за претстојниот „Alfa Romeo Stelvio“.

Со малку среќа, „Cherokee“ би можел да добие и верзија на познатиот 3,0-литарски шестцилиндричен мотор „Hurricane“ со двоен турбополнач кој развива до 510 ks, пишува „Motor1“.

Сепак, не се очекува дека оваа моќност ќе се понуди во овој теренец.

Електричниот „Cherokee“ би можел да го дели погонскиот склоп со моделот „Wagoneer S“, кој има батерија од 100 kWh и два електрични мотори со вкупно 600 ks и 837 Nm вртежен момент.

Сепак, сигурно е дека „Cherokee“ нема да има толку моќна поставеност.

„Сосема новиот ‚Jeep Cherokee‘ ја води нашата стратегија да им понудиме на клиентите повеќе производи, иновации, опции и стандардна опрема од кога било досега“, рече директорот на брендот „Jeep“, Боб Бродердорф.

„Новиот ‘Cherokee‘ ќе има конкурентна цена и ќе биде совршено позициониран помеѓу ‘Compass’ и ‘Grand Cherokee’, зајакнувајќи ја нашата основна понуда“, додаде Бродердорф.

Официјалната премиера се очекува подоцна оваа година, додека „Cherokee“ ќе се појави во продажба во 2026-та година.

За разлика од најновиот „Compass“, новиот „Cherokee“ ќе биде достапен и на американскиот пазар.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП