31 мај, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈААсот во ракавот на Трамп го менува планот на игра

Асот во ракавот на Трамп го менува планот на игра

Додека судовите ја оспоруваат легалноста на неговите трговски мерки, Доналд Трамп подготвува нов, правно ризичен, но стратешки моќен одговор – за прв пат во американската историја. Тарифите што ги променија правилата на глобалната трговија сега се ставаат во втор план, бидејќи администрацијата на Трамп ги балансира законските ограничувања со политичка офанзива.

Трговскиот тим на претседателот Доналд Трамп му подготвува резервна стратегија откако судот оваа недела пресуди дека тарифите што ги наметна Трамп, повикувајќи се на вонредни економски овластувања, се нелегални, објавува „Волстрит журнал“.

Иако федералниот апелационен суд во четвртокот привремено дозволи тарифите да останат на сила во исчекување на жалбата, официјалните лица разгледуваат алтернативни правни основи за нови, високи тарифи, за кои Трамп тврди дека ќе го балансираат трговскиот биланс на САД.

Спорно толкување на законот и две опции

Оваа потенцијална промена во пристапот ги истакнува предизвиците со кои се соочува офанзивната трговска политика на Трамп, заснована на широко и често оспорено толкување на законот. Додека претходните претседатели најчесто ги користеа овластувањата јасно доделени од Конгресот, Трамп се потпираше на ретко користениот Закон за меѓународни економски овластувања (IEEPA) за брзо да наметне тарифи на речиси сите трговски партнери на САД.

Со оглед на тоа што таа правна рамка сега е сериозно доведена во прашање, тимот на Трамп разгледува двојна алтернатива, според извори запознаени со ситуацијата.

Првата опција вклучува активирање на претходно неискористениот Член 122 од Трговскиот закон од 1974 година, кој дозволува воведување тарифи до 15 проценти во тек на 150 дена како одговор на трговските нерамнотежи. Тоа би ѝ дало време на администрацијата да го искористи Член 301 од истиот закон за да покрене целни дејствија против поединечни трговски партнери за нефер практики.

Втората опција бара подолг процес на јавно известување и коментари, но во рамките на администрацијата се смета за правно постабилна од пристапот на IEEPA, кој беше прогласен за неуставен оваа недела. Член 301 веќе е имплементиран, вклучително и во првиот мандат на Трамп како дел од трговските мерки против Кина. Сепак, одлука за новата стратегија сè уште не е донесена, а администрацијата може да почека да ја спроведе сè додека апелациониот суд дозволи примена на постојните тарифи за време на жалбениот процес.

Ниту Белата куќа ниту Канцеларијата на трговскиот претставник не дадоа официјални коментари. Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, накратко изјави дека се разгледуваат и други опции, без дополнителни детали.

Ризици и придобивки

Советникот на Трамп за трговија и индустрија, Питер Наваро, изјави за Блумберг ТВ дека се разгледува комбинација од членовите 122 и 301, како и потенцијалната примена на Законот за тарифи од 1930 година (познат како Смут-Холи), кој дозволува воведување тарифи против земјите што ја дискриминираат САД. Исто така, се разгледува и проширување на употребата на основи за национална безбедност за воведување тарифи.

Сите овие опции беа разгледани на почетокот на првиот мандат на Трамп, но потоа беше одлучено да се спроведе IEEPA – закон што никогаш порано не се користел за воведување тарифи, но дозволуваше брз одговор.

Судот за меѓународна трговија во пресудата истакна дека IEEPA не дава овластување за решавање на трговските дефицити и експлицитно го препорача Член 122 како посоодветна правна рамка.

Сепак, преминувањето кон алтернативна правна основа носи свои ризици – судовите би можеле да го протолкуваат таквиот потег како признание на пораз во тековниот процес на жалби. Еверет Ајзенстат, поранешен заменик-директор на Националниот економски совет, предупредува дека „ненадејната промена во стратегијата би можела да изгледа како губење на вербата во позитивен исход на суд“.

Харел: Тоа би можело да биде предмет на правни оспорувања

Питер Харел, поранешен функционер на Советот за национална безбедност во администрацијата на Џо Бајден, проценува дека новата правна рамка би можела да биде предмет и на судски оспорувања, но дека е „далеку посилна од пристапот на IEEPA“.

– Судот јасно посочи дека трговскиот дефицит треба да се реши преку Член 122, додека Член 301 има долга историја и се користи за борба против специфични нефер трговски практики – вели тој.

Главната предност на резервниот план е да се избегнат прекини во примената на царините, што би ја зачувало преговарачката позиција на САД. Во барањето за итно одложување на пресудата, администрацијата предупреди дека одлуката ги загрозува преговорите со десетици земји, ослабувајќи ги претседателските овластувања и нарушувајќи ја преговарачката рамка.

Оваа изјава е во спротивност со тврдењата на директорот на Националниот економски совет, Кевин Хасет, кој изјави дека преговорите се одвиваат непречено и дека трите договори се блиску до потпишување. Наваро додаде дека во основа, ништо не се променило.

Пресудата дојде само неколку дена откако Трамп ѝ се закани на Европската Унија со царини од 50 проценти, само за брзо да ја повлече заканата и да постави рок до 9 јули за договор – рок кој сега е под знак прашалник.

Европската Унија сака конструктивен пристап кон преговорите

Шпанскиот министер за економија, Карлос Куерпо, изјави дека растот на глобалните берзи ја потврдува позицијата на ЕУ дека царините им штетат на сите. Според него, Европската Унија сака „конструктивен пристап кон преговорите“.

Некои аналитичари веруваат дека судската пресуда би можела да го олесни постигнувањето трговски договор меѓу САД и ЕУ со отстранување на една од клучните пречки. Поранешниот европски функционер Игнасио Гарсија Берсеро проценува дека укинувањето на американската царина од 10 проценти и повлекувањето на заканите за дополнителни царини би отворило простор за преговори за секторските царини, како што се оние за челик и автомобили – кои беа воведени од безбедносни причини и не се опфатени со тековниот судски случај.

– Доколку преовлада прагматичен пристап од двете страни, ова би можело да биде можност за постигнување поизбалансиран договор, во интерес и на САД и на ЕУ – заклучи Берсеро.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП