19 јуни, 2025
ПочетнаЗДРАВЈЕКрлежите се будат, лекарите апелираат на претпазливост

Крлежите се будат, лекарите апелираат на претпазливост

Со топлото време и со повисоките температури започнува и сезоната на крлежите, кои секоја година претставуваат сериозна закана за здравјето на луѓето.

Овие мали инсекти, кои најчесто се наоѓаат во висока трева и грмушки, се преносители на опасни заболувања како Лајмска болест и крлежен енцефалитис.

Иако најчесто се присутни во природните средини, нивното присуство сè повеќе се забележува и во урбаните паркови, дворови и градини.

Граѓаните кои често ги посетуваат градските паркови или кои работат во природа, особено треба да бидат внимателни и да преземаат мерки за заштита.

Томе Тасевски од Скопје, кој речиси секој викенд оди на Водно со своето семејство, вели дека неколкупати веќе имал средба со крлежите, поради што презема дополнителни мерки.

„Минатата година, откако се вративме од една прошетка на Водно, најдовме два крлежа на нашето куче, а еден имаше и синот.

Оттогаш секогаш користиме репеленти, и задолжително носиме панталони со долги ногавици. Сега внимателно прегледуваме по секое излегување во природа“, раскажува Тасевски.

Здравствените експерти предупредуваат дека крлежите можат да предизвикаат сериозни здравствени проблеми, ако не бидат навреме отстранети.

Особено е опасно ако инсектот остане на телото повеќе од 24 часа, бидејќи ризикот од пренесување инфекции значително се зголемува.

Доктор од Институтот за јавно здравје за нашиот портал објаснува дека најголемиот проблем е што луѓето често не се свесни дека имаат крлеж на телото, бидејќи тие се многу мали и речиси безболни при убодот.

„Најважно е крлежот да се отстрани правилно и целосно. Никогаш не треба да се обидувате да го извадите со раце или со нокти, бидејќи главата може да остане во кожата, што дополнително ќе ги зголеми шансите за инфекција. Најдобро е да се користат пинцети и да се извади внимателно и стабилно, без нагло движење“, вели лекарот.

Според здравствените препораки, во сезоната на крлежите неопходно е носење долга облека, избегнување на прошетки низ висока трева, како и користење репеленти кои се нанесуваат на кожата или облеката. Дополнително, неопходно е по секое излегување во природа, детално да се проверат телото и облеката за евентуално присуство на крлеж.

Маја Петровска, која секојдневно го шета своето куче во скопскиот парк, раскажува дека секоја година ја фаќа паника кога ќе започне сезоната на овие инсекти.

„Секоја година наоѓам по неколку крлежи на моето куче. Иако користиме заштита, се случува тие да пробијат. Многу внимавам, бидејќи сум свесна за опасноста и за луѓето и за домашните миленици“, раскажува Петровска.

Здравствените експерти додаваат дека граѓаните треба да бидат свесни за симптомите кои може да се појават по убод од крлеж, како што се црвенило околу убодот, главоболка, треска или болки во мускулите.

„Ако забележите било каква промена на кожата околу местото каде што бил крлежот, веднаш побарајте лекарска помош. Особено важно е да се обрне внимание ако симптомите се развиваат брзо, бидејќи инфекциите кои ги пренесуваат овие инсекти можат да бидат многу сериозни и да бараат долготрајно лекување“, предупредува лекарот од Институтот за јавно здравје.

Оваа сезона, градските служби веќе почнаа со третирање на парковите и јавните површини со специјални средства за уништување на крлежите, но тоа не значи дека опасноста е целосно отстранета.

Граѓаните сами треба да бидат претпазливи и да ги следат препораките за заштита, бидејќи, како што велат експертите, „превенцијата е секогаш поевтина и побезбедна од лекувањето на последиците“.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП