Американскиот претседател Доналд Трамп денес се закани дека почнувајќи од 1 јуни ќе воведе царина од 50 проценти за сите производи од Европската Унија, објаснувајќи дека „разговорите со нив не водат никаде“.
„Европската унија, која беше формирана со примарна цел да ги користи Соединетите Американски Држави во трговијата, е многу тешка за соработка“, рече Трамп во објава на неговата социјална мрежа Truth social.
Тој понатаму ги критикуваше „моќните трговски бариери, ДДВ-то, смешните корпоративни казни, немонетарните трговски бариери, монетарните манипулации, неправедните и неоправдани тужби против американските компании“ во објавата.
Засега нема официјални коментари од Европската комисија и канцеларијата на американскиот трговски претставник во врска со изјавата на Трамп, а американските и европските берзански индекси паднаа по објавата, објавува „Блумберг“.