Американскиот претседател Доналд Трамп денес ѝ се закани на компанијата Apple со воведување царини од „најмалку 25 проценти“ ако не произведува мобилни телефони во Соединетите Американски Држави.
„Му кажав на Тим Кук од Apple одамна дека очекувам iPhone-ите што се продаваат во САД да се произведуваат во САД, а не во Индија и на други места. Ако тоа не се случи, Apple треба да плаќа царини од најмалку 25 проценти во САД“, напиша Трамп на својата социјална платформа Truth Social.
Доколку оваа закана се оствари, таа би можела значително да ја зголеми цената на iPhone-от и потенцијално да ја погоди продажбата и профитот на една од водечките американски технолошки компании, пишува агенцијата AP.
Apple со тоа им се придружува на Amazon, Walmart и другите водечки американски компании што се цел на Белата куќа, додека се обидува да одговори на неизвесноста и инфлаторните притисоци предизвикани од царините што ги наметна Трамп.
Како одговор на царините на Трамп врз Кина, извршниот директор на Apple, Тим Кук, размислува како да го префрли производството на iPhone во Индија, додека компанијата ги прилагодува своите синџири на снабдување. Тој план предизвика незадоволство и фрустрација кај американскиот претседател, кој го спомена минатата недела за време на неговата турнеја на Блискиот Исток.