Проблематичниот гасен гигант „Газпром“ веројатно нема повторно да дели дивиденда, објави „Reuters“, врз основа на одлука на одборот на компанијата. Како причина се наведува рекордната каматна стапка во Русија, која од октомври 2024-та година е на ниво од 21%.
Ова ги зголемува трошоците за сервисирање на обврските, забележува компанијата.
Во 2019-та година, „Газпром“ усвои измени во својата политика за дивиденда, а правилата предвидуваат 50% од профитот да се распределува во форма на дивиденда. Најголемиот акционер, руската држава, која поседува повеќе од половина од акциите на „Газпром“, имаше корист од оваа промена.
Во 2023-та година, „Газпром“ пријави загуба од 7 милијарди долари. Во март оваа година, компанијата објави дека загубите се продлабочуваат на нешто над 1 трилион рубљи (околу 13 милијарди долари), но финансискиот извештај е подготвен според руските сметководствени стандарди.
На крајот на април, финансискиот извештај според меѓународните стандарди веќе покажа профит од 1,2 трилиони рубљи. Според тоа, врз основа на своите правила, компанијата треба да распредели дивиденда на своите акционери.
Минатата година, „Газпром“ објави продажба на дел од своите одморалишта и хотели, како и една од своите иконски канцеларии во Санкт Петербург.
Недостатокот на дивиденди од „Газпром“ доаѓа во тежок момент за рускиот буџет. Податоците на Министерството за финансии покажуваат проширување на буџетскиот дефицит предизвикан од намалувањето на приходите од продажба на нафта.
Од почетокот на војната, „Газпром“ дистрибуираше дивиденда само еднаш – на есен 2022-ра година. Во 2021-ва година, исто така, не уплати средства во државната каса поради високите даноци.
Сепак, министерот за финансии Антон Силуанов коментираше за ТАСС дека приходите од „Газпром“ не се предвидени во буџетот оваа година.