22 мај, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАВргањот почна да никнува, печуркарите тријат раце

Вргањот почна да никнува, печуркарите тријат раце

Пролетта веќе сериозно ги буди шумите низ Македонија, а со неа и сезоната на една од најбараните печурки – вргањот. Иако официјалната цена за оваа година сè уште не е дефинирана, искусните печуркари очекуваат дека ќе биде повисока од минатогодишните 1.500 денари за килограм сушени печурки.

Од Маврово до Пелагонија, низ Беровските планини, Шар Планина, па до Јакупица и Кожуф, печуркарите веќе почнаа внимателно да ги проверуваат местата каде што со години наназад ги береле своите најдобри примероци на вргањ.

Времето, како што велат тие, сега е најголем фактор за тоа дали сезоната ќе биде богата и дали ќе се постигне добра цена на пазарот.

Меѓу оние кои веќе десетина години активно ги собираат и продаваат овие печурки е Ѓорѓи Милески од Крива Паланка. Со долгогодишно искуство и веќе воспоставени канали за продажба, Ѓорѓи вели дека првите вргањи веќе се појавуваат, но уште е рано за масовна берба.

„Оваа печурка е специфична. Бара и сонце и дожд, а особено сака влажна и топла земја. Сега сме во период кога ги имаме првите примероци, но ова не е ништо во споредба со тоа што очекуваме да никне за две-три недели. Лани цената достигна 1.500 денари за килограм сушени вргањи, а според најавите од откупувачите и трговците, годинава ќе биде и повисока“, вели Милески, кој објаснува дека сè повеќе луѓе се заинтересирани за оваа активност поради можноста за добра заработка.

Тој раскажува дека берењето вргањ не е само обична заработка, туку начин на живот.

„Кога еднаш ќе тргнеш по печурки, веќе нема враќање назад. Тука си навикнат да стануваш во зори, да ја следиш природата, да ги набљудуваш промените во времето. За мене, секој вргањ е како мал благослов од природата, особено кога е во добра состојба и знам дека ќе постигне добра цена“, додава Ѓорѓи.

Минатата година, според податоците од локалните откупни центри низ земјава, побарувачката за вргањ беше особено голема, главно поради зголемениот извоз во Италија, Швајцарија и Германија, каде оваа печурка се смета за деликатес.

Поради тоа, годинава се очекува уште поголема побарувачка и повисока цена, а од неа може да заработат и оние кои ќе ги собираат печурките, но и посредниците кои се занимаваат со нивниот извоз.

Покрај комерцијалната вредност, вргањот има и голем нутритивен потенцијал. Содржи многу витамини, минерали и е познат по исклучителниот вкус кој особено се цени во гастрономијата.

Ѓорѓи заклучува дека оваа година се надева на добра сезона, особено што времето досега оди во прилог на бербата.

„Ако времето остане вакво, со чести дождови и топли денови, ќе имаме одлична берба. Тоа ќе биде добро и за нас, печуркарите, но и за сите кои се занимаваат со оваа работа. Еден добар вргањ е како злато – секогаш има свој купувач и секогаш држи цена“, додава тој.

И додека сезоната полека се подготвува, љубителите на печурките и годинава со нетрпение ќе ги очекуваат првите сушени вргањи на пазарот, знаејќи дека за квалитетот вреди да се издвојат и повеќе пари.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП