Следењето на руските испораки на нафта станува сè потешко од почетокот на мај, забележува „Bloomberg“. Русија смислува нови тактики, а танкерите од терминалите на Балтичкото Море, Црното Море и Арктикот „исчезнуваат“ од автоматските системи за следење многу почесто отколку минатата година.
Бродовите што превезуваат руска нафта даваат лажни локации или воопшто не доставуваат податоци за локацијата до системите за следење на поморскиот сообраќај. Причината е зголемената контрола врз „флотата во сенка“ на Русија. Еден ден претходно, ЕУ и Велика Британија воведоа нови санкции против овие танкери, а тие сега вклучуваат нешто повеќе од 300 бродови. Според естонските податоци, бројот на руската „фолтата во сенка“ достигнува 500 танкери.
„Bloomberg“ забележува дека и покрај обидите да се сокријат испораките, сè уште постојат доволно добри методи за следење на танкерите – сателитски податоци и информации од трговци и други учесници во логистичките синџири.
Индија купува повеќе руска нафта, Кина е заинтересирана за малезиска нафта
Во април, руските испораки на нафта во Индија достигнаа 2,15 милиони барели дневно, што е највисоко ниво во последните две години. Во мај, трендот досега е дека количините остануваат околу ова ниво. Една од причините за интересот е ниската цена на руската нафта.
Според пресметките на „Bloomberg“, во април цената на руската сорта Урал била 55,60 долари за барел, што е под горната граница поставена од Г-7 и ЕУ на крајот на 2022-ра година. Западните сојузници разговараат за можноста за дополнителни мерки, а Украина бара цената да биде ограничена на 30 долари за барел.
Цената на руската нафта го следи трендот на пазарот – во април, варијантата Брент, која е референца за повеќето договори за нафта, падна за 14%.
30% од приходите на рускиот буџет доаѓаат од трговијата со нафта и природен гас. Според податоците на „Bloomberg“, во април, од оваа активност во државната каса влегле 13,2 милијарди долари, што е најниско ниво од јуни 2023-та година. Поради пониските приходи, буџетскиот дефицит на Русија се зголеми тројно во април на 3,2 трилиони рубљи (околу 40 милијарди долари).
И покрај ниската цена, Кина ги намали купувањата на руска нафта во април, забележува „Reuters“, повикувајќи се на кинеска статистика. Во април, во земјата беа увезени 8,07 милиони тони руска нафта, или 1,96 милиони барели дневно, што е за речиси 13% помалку во споредба со истиот период минатата година.
Сепак, увозот на нафта од Малезија се зголеми за 97% на 7,95 милиони барели во април.
Податоците покажуваат и зголемување на увозот на нафта од Иран и Венецуела. Двете земји се под санкции, а цената на нафтата е под пазарната вредност. Генерално, увозот на нафта во Кина останува на околу 48 милиони барели, или 11,69 милиони барели дневно. Ова е раст од 7,5% на годишно ниво.