22 мај, 2025
ПочетнаКАРИЕРАЗлато, криптовалути или недвижности – каде да ги вложиш парите?

Злато, криптовалути или недвижности – каде да ги вложиш парите?

Кога пазарите се во турбуленција, инфлацијата се заканува од сите страни, а банкарскиот систем ја губи довербата кај граѓаните, инвеститорите најчесто поставуваат едно прашање – каде е најсигурно да се вложат парите?

Традиционалните вредности како златото и недвижностите се чини повторно се враќаат на пиедесталот, но криптовалутите не се предаваат без борба.

За финансискиот аналитичар Бојан Краљев, златото отсекогаш било симбол на стабилност.

„Во време на економски шокови, луѓето бегаат кон злато. Тоа не носи камата, но не губи вредност како хартиените валути. Во последните 12 месеци, цената на унцата злато порасна за речиси 15 отсто“, вели Краљев, кој веќе две децении ги следи движењата на светските пазари.

Но, криптовалутите – иако со висок ризик – сè уште го привлекуваат вниманието на оние кои сакаат брзи добивки. Особено младите инвеститори, за кои дигиталниот свет е природна средина.

„Криптовалутите се ризични, но носат потенцијал за многу повисок принос. Ако сте подготвени на непредвидливост и имате трпение, ова може да биде профитабилен избор,“ објаснува Теодора М. Јовчевска, блокчејн консултант од Скопје.

Таа додава дека токму во време на геополитичка неизвесност, интересот за децентрализирани средства расте.

Недвижностите, пак, остануваат класика за македонските инвеститори. Со ограничена понуда и постојан раст на цените, особено во Скопје и Охрид, тие се перцепираат како најбезбедно прибежиште.

„Стан од 50 квадрати во Центар пред 5 години чинеше 65.000 евра, денес е над 100.000. Тоа доволно кажува,“ вели Марко Николов, експерт за недвижности.

Но и тој предупредува:
„Не секој имот е исплатлив. Купување само поради страв од инфлација, без анализа на локацијата и потенцијалот, може да заврши како грешка“.

За просечниот граѓанин, дилемата останува. Секој од овие три вида инвестиции има свои предности, но и скриени слабости. Златото нуди безбедност, но без пасивен приход.

Криптовалутите нудат адреналин и можност за брза добивка, но можат и да се стопат преку ноќ. Недвижностите се стабилни, но бараат голем влог и се тешко ликвидни.

„Најпаметно е диверзификација – никогаш не ставај сè на едно место. Малку злато за сигурност, малку крипто за ризик и динамика, и ако имате капитал, барем една инвестиција во недвижност“, советува Краљев.

Во време кога глобалната економија личи на земјотрес што трае, изборот на инвестиција не е само прашање на бројки – туку и на филозофија. Се работи за личен став кон ризикот, довербата во системите и визијата за иднината. А таа, како што изгледа, е далеку од предвидлива.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП