Европската комисија предложи воведување на такса од две евра за секој мал пакет што влегува во Европа, од кој огромното мнозинство доаѓа од Кина.
„Зборуваме за две евра по пакет, што платформата (која го испраќа пакетот) би ги платила“, изјави европскиот комесар за трговија Марош Шефчовиќ во Европскиот парламент во Брисел.
Според него, минатата година во ЕУ биле увезени околу 4,6 милијарди пакети.
Идејата е да се финансираат контролите, за кои се очекува да бидат зајакнати поради приливот на пакети со ниска вредност испратени од Азија, преку платформи како што се „Шеин“ или „Тему“.
Овој зголемен прилив се очекува поради зголемувањето на царините што САД сакаат да ги воведат, особено за мали пакети од Кина.
Мерката ја побара Франција, која на крајот на април предложи наплата на „такса“ за секој мал пакет што влегува во ЕУ.