21 мај, 2025
ПочетнаМАКЕДОНИЈАМатурантите нервозни, никој не ги прима на „афтер“

Матурантите нервозни, никој не ги прима на „афтер“

Матурските вечери оваа година се одбележани со многу гламур, скапи фустани и костуми.

Но, вистинската драма започнува по официјалната свеченост – кога матурантите, полни со еуфорија, бараат каде да ја продолжат забавата. Проблемот? Нема каде.

Пожарот кој пред неколку месеци ја зафати познатата дискотека „Пулс“ во Кочани, ги активираше сите аларми за безбедност во ноќните клубови ширум државата.

Резултатот од засилените контроли – голем дел од дискотеките моментално се затворени поради тоа што не ги исполнуваат основните услови за работа.

Во главниот град ситуацијата не е ништо подобра. Според информации до кои дојде нашиот портал, само една скопска дискотека функционира по полноќ.

Маја Димовска, мајка на матурант од скопска гимназија, вели дека оваа година е посебно тешко да се најде безбеден простор за прослава.

„Младите сакаат да се забавуваат по матурската. Но, како родител, сакам да знам дека моето дете не влегува во објект кој може да е потенцијално опасен. Ни остана или да ги земеме дома, или да ризикуваме“, вели таа.

И самите ученици се незадоволни од ограничениот избор. Стефан, матурант од медицинско училиште, вели дека целата генерација се организира преку групи на социјалните мрежи за да најде алтернативи.

„Нема каде да одиме. Се снаоѓаме со приватни журки или изнајмени вили, ама тоа носи други ризици. Ни треба барем една сигурна локација со дозвола и со обезбедување“, коментира тој.

Колку и да изгледа банално, матурските „афтер забави“ стануваат сериозен предизвик за институциите. Потребата за целосна реформа во секторот е очигледна.

До тогаш, младите се оставени на сопствено снаоѓање, а родителите – во страв.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП