Живееме во време на значителни предизвици на економски план и мораме да вложиме напори за целосно користење на човечкиот капитал и поголема поддршка на бизнисите предводени од жени. Еден важен аспект е пристапот до финансии на жените претприемачи. Во овој контекст, Народната банка потпиша Меморандум за соработка со ЕБОР за примената на Кодексот за финансирање жени претприемачи, што претставува светска рамка за поттикнување посветеност, лидерство и иновации со цел да се намали родовиот јаз во финансирањето.
Во рамките на активностите предвидени со Меморандумот, Народната банка за првпат во нашата земја направи анализа за пристапот до финансии на микро, малите и средните претпријатија во сопственост на жени (ММСП). „На крајот на првиот квартал од 2025 година, според првичните податоци, на ММСП во сопственост на жени им се одобрени 13,8% од вкупниот број банкарски кредити одобрени на ММСП со само 7,5% од вкупната вредност на кредитите одобрени на оваа група компании. Податоците покажуваат дека жените претприемачи се висококвалитетни клиенти со многу ниска стапка на нефункционални кредити од 1,54%, во споредба со 2,76% од ММСП во сопственост на мажи. Релативно нискиот удел на жените претприемачи во заемите бара подлабока анализа на причините, како и ефективни решенија за посилна финансиска поддршка на жените претприемачи или за започнување или за одржување на нивниот бизнис“, истакна Ангеловска-Бежоска. Притоа, гувернерката ги повика финансиските институции да се приклучат кон поддршката на Кодексот за финансирање на жените претприемачи и за негова поширока примена при осмислување на политиките и производите за микро, малите и средните претпријатија предводени од жени.

