13 јуни, 2025
ПочетнаКАРИЕРАПари или време – што е поскапоцено во денешно време?

Пари или време – што е поскапоцено во денешно време?

Во ерата на постојана брзина, инфлација, дигитална зависност и култура на продуктивност, едно прашање станува сè погласно: пари или време – што е денешното највредно „средство“?

За некои, секоја минута има цена. За други, секој ден без притисок од рокови е непроценлив луксуз.

Бојан Краљев, финансиски аналитичар од Скопје вели дека односот кон времето и парите доживеа голема промена по пандемијата.

„Луѓето почнаа да размислуваат колку време трошат заработувајќи пари, и дали навистина вреди. Ако некогаш времето беше жртва за успех, сега е валута сама по себе“, објаснува Краљев.

Секојдневните примери тоа го потврдуваат. Игор Јакимовски, 39-годишен ИТ стручњак од Скопје, пред три години работел по 10 часа дневно во приватна фирма и заработувал натпросечна плата. Но, по една ненадејна здравствена криза, одлучил да го смени животниот курс.

„Сфатив дека имам пари, но дека немам време ни да ги искористам. Денес работам 6 часа, заработувам помалку, но секој ден пешачам со децата до училиште, пијам кафе без брзање и читам книги. Немам повеќе, но имам подобро“, вели Игор.

Во исто време, многумина немаат избор. Според податоци од Државниот завод за статистика, во Македонија околу 41% од работоспособното население работи повеќе од 40 часа неделно, најчесто поради потреба.

„Кога си на минималец, прашањето ‘пари или време’ не е луксуз кој можеш да си го дозволиш. Тука времето го даваш за преживување“, вели Весна Степановиќ Сушиќ од Куманово. „Мојот ден почнува во 5 наутро и завршува во 11 навечер. Ако имам еден слободен саат неделно, го користам за да одморам од самата себеси“.

Со појавата на автоматизацијата, фриленс платформите и работата од дома, младите генерации сè повеќе тежнеат кон баланс. Тие го вреднуваат времето како капитал – нешто што се инвестира, троши, но и штеди. Не е случајно што термини како „time affluence“ (временско изобилие) стануваат нов статусен симбол.

Маркетинг експертите објаснуваат дека современите компании веќе ја препознаваат оваа промена.

„Нема веќе мотивација со бонус плати. Вработените бараат флексибилност, слободни петoци, хибридни модели. Времето стана главен фактор за задржување кадар“, посочуваат тие.

Во трката меѓу парите и времето, можеби не постои единствен победник. За некого вреди да вложи сè за сигурна иднина. За друг, вреди да ужива во моментот, додека го има. Но едно е сигурно – денес, повеќе од кога било, сме свесни дека времето не може да се врати назад. А парите? Тие можеби можат да се заработат повторно и повторно.

Затоа, следниот пат кога ќе тргнете да купите уште еден час прекувремена работа, прашајте се: што навистина добивате?

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП