19 мај, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАИнфлацијата во Еврозоната паѓа поради американските царини?

Инфлацијата во Еврозоната паѓа поради американските царини?

Инфлацијата во Еврозоната ќе падне под два проценти следната година поради американските царини, според пролетната прогноза на Европската комисија (ЕК) објавена денес.

Се предвидува дека просечниот раст на потрошувачките цени ќе изнесува 1,7 проценти во текот на 2026 година, додека во текот на оваа година инфлацијата веќе ќе го достигне посакуваниот праг на Европската централна банка (ЕЦБ) од два проценти.

Европската комисија ги посочува пониските трошоци за енергија, пренасочувањето на кинеските стоки кон европскиот пазар и зајакнувањето на еврото како главни причини за очекуваниот побавен раст на цените, сите тие ги оцени како фактори со „јасно негативни“ ефекти врз инфлаторните притисоци, објавува Блумберг.

Дополнително, Комисијата прогнозира дека БДП на еврозоната ќе порасне за 0,9 проценти оваа година и ќе се забрза на 1,4 проценти во 2026 година, но додава дека неизвесноста продолжува да влијае врз домашната побарувачка, додека пазарот на трудот останува силен. Европскиот економски комесар Валдис Домбровскис предупреди дека пониските инфлаторни притисоци не значат крај на ризиците.

„Инфлацијата паѓа побрзо од очекуваното и е на добар пат да се спушти до целта од два проценти оваа година, но не смееме да бидеме задоволни со тоа – ризиците се уште се изразени, а Европската Унија мора решително да работи на зајакнување на конкурентноста“, рече Домбровскис.

Според прогнозите, Германија, како најголема економија во Еврозоната, нема да забележи раст во 2025 година, додека раст од 1,1 процент се очекува во 2026 година, а Австрија ќе биде единствената членка на Европската Унија со пад на БДП оваа година.

Комисијата, исто така, очекува колективниот долг на еврозоната да се зголеми на 91 процент од БДП во 2025 година, без да се вклучат дополнителните трошоци за одбрана, бидејќи тие планови сè уште не се доволно разработени.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП