19 мај, 2025
ПочетнаКАРИЕРАШто е пасивен приход и како да почнеш да го градиш со...

Што е пасивен приход и како да почнеш да го градиш со мали чекори?

Пасивниот приход одамна не е само идеја на успешните бизнисмени или ИТ инвеститори од Силиконската долина.

Станува збор за концепт кој, ако се разбере и примени правилно, може да стане финансиска потпора и за „обичниот човек“ со просечна плата.

Но, што всушност значи пасивен приход и како може да се почне со него, чекор по чекор?

„Пасивен приход не значи дека не работиш ништо. Тоа значи дека поставуваш систем кој работи за тебе, дури и кога ти спиеш“, вели Виолета Костовска, финансиски советник од Битола.

Таа смета дека првиот чекор кон ваков приход не е вложување на голема сума пари, туку менување на начинот на размислување за пари и време.

Што е пасивен приход?

Пасивен приход е заработка која доаѓа без потреба од постојана физичка или ментална ангажираност.

Најчести примери се приход од изнајмување недвижности, авторски права, онлајн курсеви, YouTube канал, продажба на дигитални производи, како и вложувања во акции што исплаќаат дивиденди.

Разликата со активниот приход – кој доаѓа од работа за плата – е токму во тоа што пасивниот се акумулира дури и кога не сте активно ангажирани.

Но за да дојде до таа точка, потребно е почетно вложување: време, пари или вештини.

Мали чекори за голема промена

Ирена Бајрактарова Симоновска, 32-годишна велешанка, раскажува како започнала со пасивен приход.

„На почеток правев рачни изработки и ги продав до пријатели. Но кога отворив Etsy продавница, започнаа нарачки од странство. Денес не морам да работам секој ден – системот си функционира, иако исплатата е комплицирана поради тоа што живеам во Македонија“, вели таа.

Според неа, клучот бил во упорноста, но и во тоа што секој ден учела нешто ново.

Ако сакате да тргнете по ваков пат, не ви треба богатство. Еве неколку практични идеи:
Афилиејт маркетинг: Промовирајте производи преку блог или преку социјални мрежи, и добивајте провизија по продажба.

YouTube канал или поткаст: Монетизирајте содржина преку реклами или спонзорства.

Изработка на дигитални производи: Е-книги, шаблони, дигитални агенди – поставете ги на платформи како Gumroad.

Изнајмување простор: Ако имате празна соба, размислете за изнајмување на Airbnb.

Стравот од почетокот е најголем непријател

Психологот Сања Љубеновиќ објаснува дека многумина се откажуваат уште пред да започнат.

„Луѓето имаат страв од неуспех, мислат дека немаат доволно знаење или пари. Но најголемиот ризик е да не се обидеш“, истакнува Љубеновиќ.

Клучно е да се постави реална цел, да се избере ниша според личниот интерес и да се биде доследен. Пасивниот приход се гради како куќа – со поставување темели, еден по еден тули.

Затоа, почни со тоа што го имаш. Можеби денес ќе заработиш само неколку евра од дигитален производ или видео со 100 прегледи.

Но секој пасивен извор на приход е семе што може да прерасне во стабилна финансиска слобода.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП