TikTok лансираше нова алатка наречена „AI Alive“, која користи вештачка интелигенција за да им овозможи на корисниците да претворат фотографии во кратки видеа со едноставно внесување текст.
Оваа опција се користи преку камерата „TikTok Story“, а според компанијата, станува збор за „интелигентна алатка за уредување“ што им овозможува на корисниците – без оглед на претходното искуство – да додаваат движење, атмосфера и креативни ефекти на своите фотографии.
Корисниците внесуваат текстуален опис на посакуваното видео, а TikTok нуди стандарден предлог:make this photo come alive (оживејте ја оваа фотографија).
Обработката трае неколку минути, додека самото видео обично трае само неколку секунди, објавува порталот Verge.
Алатката моментално има ограничувања – на пример, не успеа да трансформира фотографија од мачка во аниме сцена и покрај јасните упатства.
TikTok тврди дека во системот се вградени безбедносни мерки, вклучувајќи автоматско модерирање на сликата, текстот и финалното видео пред содржината да стане видлива за авторот.
Доколку корисникот одлучи да објави видео во формат „Story“, следува последна безбедносна проверка. Видеото исто така ќе биде означено како генерирано од вештачка интелигенција и ќе содржи метаподатоци за C2PA.