Во последно време многу се зборува за кредити – дали се скапи, дали се корисни, кој одобрува најбрзо, кој најповолно. Но, една многу важна тема останува во сенка, а тоа е Финансиската писменост.
Како Личен банкарски советник, секојдневно гледам луѓе кои прават грешки, не затоа што не се паметни, туку затоа што никој никогаш не им објаснил како функционира кредитот.
Затоа денес ќе зборуваме за нешто основно, а тоа е дека кредитот не е непријател, туку дека проблемот настанува доколку не знаеш како да го користиш.
Што значи одговорно задолжување?
Има едно златно правило, „Земи кредит онолку колку што можеш да вратиш, а не онолку колку што ти даваат“.
Никогаш не го гледајте максималниот износ кој можете да го земете, туку гледајте ја месечната рата и дали ви остануваат доволно средства за другите трошоци во животот.
Дополнително, секогаш трудете се да планирате однапред.
Доколку знаете дека во јануари ќе ви стигне некоја обврска која морате да ја платите (осигурување, сервис, регистрација итн.), не земајте кредит во декември кој ќе ви ја „изеде“ платата во јануари.
Секогаш изберете го вистинскиот кредит за вистинската намена. Ако ви треба кредит на подолг рок, не земајте брз кредит. Доколку пак ви требаат итно средства, не чекајте со денови за одлука во банка, туку обратете се во Финансиско друштво.
Финансиските друштва се алтернатива
Не се сите во можност да земат банкарски кредит и тоа е реалност. Но и не треба да се гледаат Финансиските друштва како последна надеж.
Тие се професионални институции кои доколку ги користиш правилно можат да бидат корисен партнер во твоето секојдневие.
Совети за подобра финансиска кондиција
- Плаќајте си прво себеси. Секој месец, веднаш по добивање на платата, одвојте за заштеда 10% – па дури и ако се само 500 денари. Навиката е поважна од износот.
- Направете неделен преглед на трошоци. Не мора детална табела – доволно е еднаш неделно да прелетате каде ви отишле парите.
- Купувајте со список, не со емоции. Пред секое купување прашајте се: „Дали ми треба ова, или едноставно ми се сака?“
- Изберете банка според вашиот стил, не од реклами. Некоја банка има подобра апликација, некоја има пониски трошоци – прашај, спореди, анализирај.
- Избегнувајте кредит за „животен стил“. Телевизор, телефон, одмор – ако не можете да ги платите одеднаш, може и да почекаат.
- Не прифаќајте финансиски совет од некој што сам не ги контролира сопствените пари. Дружењето е едно, советот нешто друго.
Финансиска писменост значи да знаеш кога ти треба кредит, но уште поважно е да знаеш како и зошто го земаш.
Вашиот Личен банкарски советник,
Б.С.