„Во Германија лесно се живее“ – ова е честа фраза меѓу оние што сонуваат за подобар живот во странство. Но, колку вистина се крие зад ова уверување? Колку реално му останува на еден просечен Македонец од платата кога ќе ги плати сите месечни трошоци во Германија?
Просечната бруто-плата во Германија изнесува околу 4.200 евра, но реалноста за странските работници е поинаква. Мнозинството добиваат нето-плата меѓу 2.000 и 2.500 евра, зависно од професијата, даночната класа и договорот. Но и тие пари, велат иселениците, „летаат“ до средина на месецот.
„Работам како електричар во Франкфурт, земам 2.400 евра месечно. Звучи многу, ама кога ќе се соберат сите трошоци – кирија 900 евра, здравствено и пензиско осигурување, струја, интернет, храна, гориво – на крај ми остануваат максимум 300 до 400 евра“, вели Александар Ристов, кој пред три години се преселил од Куманово во Германија.
Најголем товар е станбениот трошок. Во градови како Минхен или Штутгарт, киријата за еднособен стан се движи меѓу 1.000 и 1.500 евра. Во поскромни места може да се најде за 600 до 800 евра, но и таму има недостаток на станови. Освен киријата, често се плаќаат и трошоци за одржување („Nebenkosten“), кои во просек се дополнителни 200 евра месечно.
„Кога ќе платиш осигурување, телефон, јавен превоз или автомобил, немаш простор за луксуз. Можеш да си дозволиш некое патување еднаш годишно, но нема онакво трошење без размислување како што мислат луѓето дома“, објаснува Бојана Крстевска, медицинска сестра од Битола, која работи во клиника во Хамбург.
Храната е достапна, но не евтина како што беше пред неколку години. Инфлацијата, според германскиот завод за статистика, и натаму ги „јаде“ семејните буџети. Лебот, млекото, јајцата – сè е поскапо од порано, па дури и дисконтерите како Aldi и Lidl не нудат веќе „германска евтина кошничка“.
„Можеби тука имаме сигурност, здравство, уреден систем, но парите не се собираат сами. Мораш да си со план за секое евро“, заклучува Александар.
Животот во Германија носи повеќе можности, но и повисоки обврски. Не е „лесно“ како што изгледа од страна – особено кога ќе се пресмета колку останува на крај од платата. Се живее, да – но не секогаш се штеди. И токму затоа, сè повеќе иселеници признаваат: „Тука сме поради иднината, а не поради луксузот“.
Дали вреди? Одговорот зависи од очекувањата, но и од способноста да се носи германската сметка. Таму, секој ден почнува со калкулатор во џебот.
Б.З.М.