17 мај, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАКако еврозоната влијаеше на инфлацијата во Хрватска, Естонија, Латвија, Литванија и Словачка?...

Како еврозоната влијаеше на инфлацијата во Хрватска, Естонија, Латвија, Литванија и Словачка? (ИНФОГРАФИК)

Транзицијата кон еврото имаше мало, дури и малку дефлациско, влијание врз потрошувачките цени во Хрватска. Во исто време, ефектите од приклучувањето кон еврозоната врз инфлацијата во Естонија, Латвија, Литванија и Словачка беа привремени.

Ова се наведува во анализата на Фискалниот совет, која испитува дали инфлацијата се зголемила во овие земји откако влегле во еврозоната.

Хрватска официјално го усвои еврото како своја валута на 1-ви јануари 2023-та година, станувајќи дваесеттата земја-членка на еврозоната. Одлуката предизвика загриженост кај јавноста и експертите за потенцијалните инфлаторни последици од промената на валутата. Анализите на динамиката на инфлацијата во Хрватска во периодот 2022-ра – април 2025-та година покажуваат дека влијанието од усвојувањето на еврото врз потрошувачките цени е минимално.

Дури и пред да се приклучи на еврозоната, Хрватска се соочи со висока инфлација, која достигна 13% годишно во ноември 2022-ра година. Главните причини за овој раст се глобални – нагло зголемување на цените на енергијата и сериозни нарушувања во синџирите на снабдување. И покрај загриженоста, по воведувањето на еврото, инфлацијата почна постојано да се намалува. Во јануари 2023-та година изнесуваше 12,5%, во февруари – 11,7%, сè додека не достигна 5,4% во декември истата година и 4,3% во март 2025-та година. Овие податоци покажуваат дека самата промена на валутата имала занемарливо, дури и малку дефлациско, влијание врз потрошувачките цени, се наведува во анализата на Фискалниот совет.

Проценката на Евростат за периодот јануари – март 2023-та година покажува дека придонесот на еврото кон инфлацијата бил помеѓу 0,04 и 0,20 процентни поени месечно – минимално и привремено зголемување. Сепак, јавната перцепција не ги одразува овие статистики, а многу потрошувачи велат дека забележале зголемување на цените на секојдневните стоки и услуги. Причината за ова несовпаѓање помеѓу податоците и перцепцијата делумно се должи на недостатокот на доволна комуникација од страна на јавните институции за реалните економски фактори. Всушност, инфлаторните трендови во Хрватска по усвојувањето на еврото се главно предизвикани од надворешни економски настани, а не од самото воведување на единствената валута, велат експертите од Фискалниот совет.

Тие додаваат дека овој ефект не е соодветно објаснет од јавните институции во Хрватска, и покрај напорите за изградба на ефикасна комуникациска стратегија. Покрај тоа, тамошните власти презедоа голем број чекори за контрола на цените кои се контрадикторни и релативно неефикасни, истакнуваат експертите.

Транзицијата кон еврото во Хрватска предизвика одредени загрижености, но достапните податоци укажуваат дека инфлацискиот ефект е слаб и минлив. Главниот фактор за флуктуациите на цените остануваат глобалните економски услови, а не промените на валутите, резимира Фискалниот совет.

Промена на инфлацијата во Бугарија, Хрватска, Латвија, Унгарија, Полска и Романија за 2007-2024 година

Извор: Евростат

Слични процеси се забележани и во други источноевропски земји кои се префрлија на еврото по пристапувањето во Европската унија, забележуваат експертите.

Естонија (2011), Латвија (2014), Литванија (2015) и Словачка (2009) исто така доживеаа краткотрајно и умерено зголемување на инфлацијата во првите месеци по промената на валутата. Во повеќето случаи, овие ефекти се концентрирани во услужниот сектор – главно ресторани, кафулиња и лична нега. Податоците од Евростат и Европската централна банка покажуваат зголемување на инфлацијата од околу 0,2 до 0,3 процентни поени. Сепак, стапката на инфлација брзо се стабилизираше во првите неколку месеци по усвојувањето на еврото.

На долг рок, инфлацијата во овие земји не се разликува значително од просекот во еврозоната. Литванија и Естонија забележаа повисоки стапки на инфлација во периодот 2021–2023 година, но тоа се должеше на енергетската криза и нивната структурна зависност од увозот. Словачка, од своја страна, одржува релативна стабилност на цените благодарение на своите одржливи макроекономски политики.

Искуството на овие четири земји генерално покажува дека ефектите од приклучувањето кон еврозоната врз инфлацијата се привремени, особено кога процесот е придружен со ефективна транспарентност на цените и мерки за надзор на пазарот, се заклучува во анализата.

Промена на БДП на Бугарија, Хрватска, Латвија, Унгарија, Полска и Романија за 2007-2024 година

Извор: Евростат

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП