Мировните преговори меѓу Русија и Украина беа обновени денес во Истанбул, речиси три години откако првите обиди во истиот град беа прекинати. Иако претходно имаше шпекулации за доаѓањето на клучните актери, состанокот се одржува без присуство на рускиот претседател Владимир Путин, како и на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Путин, наместо себеси, испрати делегација во Истанбул предводена од неговиот помошник Владимир Медински, заедно со високи претставници на руските министерства за одбрана и надворешни работи. Украинската страна ја предводи министерот за одбрана Рустем Умеров.
Беше нереално да се очекува дека по три години, Путин и Зеленски ќе се сретнат директно, без никаква претходна подготовка. Не е само прашање на логистика, туку и политичка порака. Овој потег на Путин, кој одбива да седне со Зеленски, е исто така сигнал дека тој не го признава како рамноправен соговорник.
Сепак, аналитичарите го сметаат овој чекор за значаен.
Тие сметаат дека самото започнување на директни разговори е веќе успех во условите во кои изминатите години беа обележани исклучиво со индиректни преговори и воени дејствија.
Ако земеме предвид дека до неодамна сите тврдеа дека нема да има дијалог додека не се исполнат одредени предуслови, денешните разговори во Истанбул претставуваат огромен чекор. Фактот дека делегациите седат на иста маса, дури и без претседателот, е показател дека има простор за политички дијалог.
Одлуката на Путин да не присуствува на преговорите е во согласност со неговиот стратешки пристап – да ја задржи контролата, но да не ризикува легитимирање на Зеленски во време кога Москва сè повеќе ја доведува во прашање легитимноста на властите во Киев.
Преговорите се одвиваат во сложена геополитичка атмосфера, во која враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа игра клучна улога. Неговиот коментар дека „ништо нема да се случи додека не се сретнеме со Путин“ многумина го толкуваат како обид за целосна контрола врз процесот.
Трамп инсистира на својата улога како медијатор, со што всушност сака да ја демонстрира американската доминација во решавањето на глобалните конфликти. И Москва и Киев, секој од свои причини, внимателно балансираат во овој момент за да не ја изгубат наклонетоста на Вашингтон.
Во овој контекст, додава тој, не треба да се занемари симболичната важност на присуството на советникот на британскиот премиер покрај украинската делегација, како единствен европски претставник на овие разговори.
Европа во моментов е целосно надвор од игра. Веќе нема ниту Нормандиски формат, ниту лидерите на ЕУ активно посредуваат. Ова е дел од новата стратегија на американската администрација, особено на Трамп, кој сака да го маргинализира Брисел и да се претстави како единствена адреса за преговори.
Патот до траен мир е „долг и комплициран“
И покрај воздржаниот оптимизам, експертите предупредуваат дека патот до траен мир е долг и комплициран. Не постои едноставно решение за конфликтот што прерасна во регионална безбедносна криза, со бројни стратешки, уставни и територијални прашања што бараат решавање.
„Ова е важен момент, но не треба да имаме илузии. Војната нема да престане преку ноќ, ниту еден или два состанока ќе донесат мир. Реално е дека сега се бараат технички договори – форматот на преговорите, редоследот на темите, евентуално почетните мерки за градење доверба“, велат воените експерти.
Иако делегациите се уште се во Истанбул, останува неизвесно дали и кога лидерите ќе се сретнат. Од Киев велат дека средбата меѓу Зеленски и Путин не е неопходна доколку се постигне договор на техничко ниво. Москва, од друга страна, не отстапува од ставот дека сегашната влада во Украина е нелегитимна. Трамп, сепак, јасно става до знаење дека нема да има договор без него.
Трамп ги користи овие преговори како дел од својата политичка стратегија – и во САД и на меѓународната сцена. Неговата цел е да докаже дека само тој може да постигне мир. Ова го зајакнува неговиот сопствен наратив и ја покажува неговата моќ над сојузниците во Европа.