На редовниот економски и финансиски дијалог помеѓу Европската Унија и земјите партнерки од Западен Балкан, којшто се одржа во Брисел, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, се осврна на клучните монетарни и финансиски аспекти поврзани со макроекономската состојба и реформските процеси во нашата економија. Таа нагласи дека, и покрај серијата економски и геополитички шокови во последните неколку години, успешно се зачува, па дури и зајакна макроекономската стабилност, којашто претставува темел за одржлив економски раст и постепено приближување на доходот кон просекот на Европската Унија. На дијалогот учествуваше и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.
Гувернерката нагласи дека иако процесот на конвергенција се засилува, тој сè уште се одвива бавно, при што доходот во нашата економија изнесува околу 43% од просекот на ЕУ. Како најотворена економија во регионот и економија со највисока енергетска зависност, инфлацискиот шок од светските пазари се пренесе со голема сила, по што инфлацијата се искачи до 20%. Сепак, благодарение на соодветната монетарна политика и стабилизацијата на цените на светските суровини, инфлацијата повторно е сведена блиску до историскиот просек од 2,6%, што е поддржано и од високата доверба на јавноста во централната банка – потврдено и во истражувањата на меѓународните финансиски институции. „Важен столб на стабилноста е одржувањето стабилен девизен курс, за што е потребно соодветно ниво на девизни резерви. И покрај силните притисоци и интервенции на девизниот пазар, резервите сега се повисоки за околу 40% во однос на претпандемичниот период, што е силна заштита од идни потенцијални шокови“, посочи гувернерката.

