13 мај, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАСтратешко созревање – каде сме и каде одиме?Лидерството и човечките ресурси како...

Стратешко созревање – каде сме и каде одиме?Лидерството и човечките ресурси како главни постулати за економски раст и развој

Вториот панел од Самитот „Македонија 2025“ во фокусот ги имаше историјата на организацијата, скромните почетоци и големите чекори кои ги прави со една цел – градење на посилна нација!

„Ним не им треба претставување. Тие се врвни бизнис-лидери, патриоти со длабока посветеност и искрена страст за придонес кон напредокот на нашата татковина“, гласеше заедничкиот содржател со кој модераторот Боријан Борозанов го најави учеството на Мајк Зафировски, Џон Битов Јуниор и Живко Мукаетов на вториот панел на Самитот „Македонија 2025“ насловен „Стратешко созревање – каде сме и каде одиме?“

Зафировски ги лоцираше почетоците на идејата за организацијата во 2002 година, кога поранешниот претседател Борис Трајковски, а подоцна и Бранко Црвенковски упатуваат апел до македонската дијаспора за поддршка на државата. Џон Битов Сениор во 2006 година ја иницира идејата за формирање на организација во која ќе членуваат професионалци кои ќе работат на промовирање на економскиот развој на Македонија, изјавувајќи: „Оние што даваат ќе добијат за возврат сѐ додека даваат од сè срце“. Според Џон Битов Јуниор, една од поважните придобивки од оваа организација е Самитот кој од 2012 година се одржува во Македонија, а кој годинава во фокусот има брилијантни бизнис-приказни. „Напорната работа и интегритетот е она што треба да ги движи Македонците. Македонија е мала, но тоа треба да го сметаме за предност во поглед на мобилизацијата и шансите за успех“, изјави Битов. 

Мукаетов, пак, како локален член со најдолг стаж во „Македонија 2025“, потенцираше дека најважното нешто кое го задржало сите 14 години од неговиот мандат е визионерското единство на членовите, нивната љубов кон татковината и огромната желба да придонесат за нејзин раст и развој. Џон Битов Сениор го запознав во Торонто во 2012 година за време на мојата презентација пред Бордот на организацијата. Сè уште ги помнам неговиот оптимизам, желбата, волјата и посветеноста за просперитет на нашата земја. Воодушевен сум од ентузијазмот на Мајк, Џон и останатите, а фактот дека ‘Македонија 2025’ придонесува за моделирање на идната генерација македонски лидери, го сметам за додадена вредност на организацијата. За мене ’Македонија 2025’ е движење силно водено од визија, акција и заедничка љубов кон татковината“, истакна Мукаетов.

Лидерството и едукацијата oд страна на учесниците во салата беа посочени како двата главни постулати за економски раст и развој. Посочувајќи го „Алкалоид“ како национален шампион на бизнис и економски план, Борозанов го побара рецептот за успех на „Алкалоид“: 

„Накратко, тоа се стратешката дисциплина, континуираните инвестиции во квалитет, производствени капацитети, врвна технологија и во кадар, пред сè; усогласување и придржување кон строгите меѓународни стандарди, без никаква импровизација. Направивме диверзификација на пласманите за да ја намалиме зависноста од домашниот пазар и да поттикнеме одржлив раст. Со изградба на капацитетите за полусинтетски цефалоспорини, за кои во моментов сме водечки производител во Европа, изборот на Британската регулаторна агенција како референтна и дигитална трансформација, заедно со вложувањата во таленти и истражување и развој, успеавме  да се иновираме, да се позиционираме на регулирани пазари и да растеме во динамична индустрија“, гласеше одговорот на Мукаетов. 

Овогодинешниот самит „Македонија 2025“ во Скопје собра над 700 учесници од бизнис-заедницата, политиката и академската јавност. Генералниот директор и Претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ е член на оваа think & do tank организација од декември 2011 година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП