Претседателот на САД, Доналд Трамп, во неделата објави дека планира да ја врати контроверзната политика од неговиот прв мандат, која би ги намалила трошоците за лекови, со тоа што плаќањата за одредени лекови ќе се базираат на најниските цени во светот.
Станува збор за таканаречената политика на „најповластена нација“, која администрацијата на Трамп се обиде да ја воведе кон крајот на 2020 година, но беше блокирана од федералните судови, а потоа претседателот Џо Бајден ја укина во 2021 година.
Планот се однесуваше на лековите што пациентите ги добиваат во лекарските ординации, како дел од владината здравствена програма Медикер.
Трамп објави на својата мрежа Truth Social дека во понеделник ќе потпише извршна наредба за која тврди дека „речиси веднаш“ треба да ги намали цените на лековите за помеѓу 30 и 80 проценти.
„Ќе потпишам една од најважните извршни наредби во историјата на САД. Цените на лековите што се издаваат на рецепт ќе бидат намалени додека воведувам правило што ќе ја натера Америка да плаќа иста цена како и земјата што плаќа најниско во светот“, рече Трамп.
Дали се воведени царини за фармацевтски производи?
Покрај таа регулатива, администрацијата на Трамп размислува и за воведување царини за увоз на фармацевтски производи – кои досега беа без царина. Таквата мерка би можела дополнително да го комплицира веќе чувствителниот пазар на лекови, да предизвика недостиг, особено на генерички лекови, и на крајот да доведе до повисоки цени, тврди CNN.
Доколку новата регулатива е слична на онаа од 2020 година, таа би можела да доведе до заштеди за државата и корисниците на Медикер, но експертите предупредуваат дека би можела да ја намали достапноста на одредени лекови за пациентите – во зависност од тоа како ќе се спроведе.
Намалувањето на цените на лековите беше едно од главните ветувања на првата администрација на Трамп.
Минатата година, од неговата кампања за Политико изјавија дека се оддалечил од моделот на „најповластена нација“ на кој се спротивставува голем дел од Републиканската партија.
Идејата неодамна беше повторно ставена на маса како можно средство за постигнување големи буџетски заштеди како дел од републиканскиот план за намалување на даноците и трошењето.
Фармацевтската индустрија речиси сигурно ќе пружи силен отпор, исто како што направи во 2020 година, кога ја блокираше првата верзија на правилото.