Шок за граѓаните уште пред да почне летото – цреши по 1.360 денари, праски по 600, а лубеница по 100 денари за килограм.
Наместо да се радуваме на свежите плодови на сезоната, граѓаните веќе пресметуваат колку парчиња овошје можат да си дозволат, како што некогаш броеја колку парчиња месо ќе стават во чинијата.
И сето тоа само неколку дена по укинувањето на владината мерка за замрзнати маржи, што создаде нов ценовен хаос во маркетите.
Граѓаните се револтирани, но и уморни од постојаните поскапувања. Љупка Ристовска, пензионерка од Скопје, вели дека со 20.000 денари пензија, единствено што може да си дозволи од пазар е „две јаболка и надеж дека другата недела ќе биде поевтино“.
„Кога видов дека килограм цреши чини 1.300 денари, мислев дека е грешка. Тоа е цена за злато, не за овошје. А и тие јаболка по 100 денари – тие ни зиме не беа толку. Ако ова е само почетокот на сезоната, не сакам ни да помислам што ќе биде во јули и во август“, вели таа за нашиот медиум.
Од друга страна, трговците се бранат – велат дека маржите не се главниот проблем, туку зголемените трошоци за транспорт, складирањето, горивото и набавката.
Експертите предупредуваат дека ова е рецепт за инфлаторна спирала во која ќе страдаат најранливите.
„Цените секогаш први скокаат, а платите последни реагираат. Ако нема активна државна политика, пазарот ќе продолжи да се однесува како див ѕвер кој јаде сè пред себе“, вели тој.
Во меѓувреме, граѓаните и понатаму ќе гледаат во тезгите и рафтовите, не за да бираат што да купат, туку да решат што да не купат. И така, и ова лето можеби ќе го дочекаме – со полни пазари, но со празни кеси.
Дали државата конечно ќе се охрабри да повлече конкретен чекор или и ова лето ќе ни помине во броење денови без цреши – останува да видиме.
Б.З.М.