Американските воени напади врз три ирански нуклеарни постројки минатиот викенд не ги уништија клучните компоненти на нуклеарната програма на земјата и веројатно ја забавија за само неколку месеци, според раната проценка на американската разузнавачка заедница, опишана за Си-Ен-Ен од четири лица запознаени со документот.
Проценката ја направи Агенцијата за одбранбено разузнавање (DIA) и се базира на анализа на штетите спроведена од Централната команда на САД (CENTCOM) по нападот, изјави еден од изворите.
Анализата е сè уште во тек и може да се промени како што ќе пристигнуваат дополнителни информации, но првичните наоди се спротивни на тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој постојано изјавуваше дека нападите „целосно ги уништиле“ иранските постројки за збогатување ураниум. Министерот за одбрана Пит Хегсет, исто така, во неделата тврдеше дека „нуклеарните амбиции на Иран се уништени“.
Сепак, два извори запознаени со извештајот тврдат дека залихите од збогатен ураниум не биле уништени, а според еден од нив, повеќето центрифуги останале „недопрени“.
„DIA проценува дека САД успеале да ја забават иранската програма за можеби неколку месеци, во најдобар случај“, рече изворот.
Белата куќа потврди дека извештајот постои, но тврди дека е неточен.
„Оваа наводна проценка е целосно неточна и е класифицирана како „строго доверливо“, но сепак беше протечена на Си-Ен-Ен од анонимна личност од ниско рангираната разузнавачка заедница“, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит.
„Објавувањето на оваа наводна проценка е јасен обид да се дискредитира претседателот Трамп и да се дискредитираат храбрите борбени пилоти кои совршено ја извршија мисијата за уништување на нуклеарната програма на Иран. Секој знае што се случува кога ќе фрлите четиринаесет бомби од 13.600 килограми точно во целта: тотално уништување.“
Американската војска соопшти дека операцијата поминала според планот и дека била „целосен успех“.
Сепак, според изворите, сè уште е прерано САД да имаат целосна слика за последиците од нападот, а проценките на другите разузнавачки агенции не се познати. Собирањето податоци, вклучително и од самиот Иран, продолжува.
Израел изврши неколку напади врз нуклеарните постројки на Иран во претходните денови, но тврдеше дека му се потребни 13.600 килограми американски бомби за уништување бункери за да ја заврши операцијата. Американските бомбардери Б-2 фрлија повеќе од десет вакви бомби врз две нуклеарни централи: Фордоу и објектот за збогатување ураниум во Натанц. Сепак, според проценката на изворот, бомбите не ги уништиле центрифугите ниту високо збогатениот ураниум.
Наместо тоа, штетата кај сите три цели – Фордоу, Натанц и Исфахан – беше во голема мера ограничена на надземни објекти, вклучувајќи ја енергетската инфраструктура и објектите за преработка на ураниум во метал за оружје.
„Врз основа на сè што видовме – и јас видов сè – нашиот бомбашки напад го уништи капацитетот на Иран за нуклеарно оружје. Нашите масивни бомби погодија точно таму каде што требаше и функционираа совршено. Влијанието на тие бомби е буквално закопано под планина од урнатини во Иран, па секој што вели дека нападите не биле катастрофални се обидува да го поткопа претседателот и оваа успешна мисија“, изјави Хегсет за Си-Ен-Ен.
Трамп денес повтори дека верува оти имало голема штета: „Мислам дека сè е целосно уништено“, рече тој. „Пилотите ги погодија целите. Целите беа уништени и пилотите заслужуваат признание.“
На прашањето дали Иран ќе може да ја обнови својата нуклеарна програма, Трамп одговори: „Таа е во урнатини. Уништена е“.
За разлика од Трамп и Хегсет, шефот на Здружениот штаб на вооружените сили, Ден Кејн, во неделата изјави дека е „премногу рано“ да се коментира дали Иран сè уште е способен да развива нуклеарно оружје.