Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, изјави дека наскоро ќе биде потпишан „голем трговски договор“ со, како што изјави, „голема и високо почитувана земја“, но не откри за која земја станува збор.
Трамп додаде дека ќе ги објави деталите на прес-конференција во 10 часот по локално време во Вашингтон, што предизвика многу шпекулации кај светската јавност.
Неколку американски и британски медиуми, повикувајќи се на извори блиски до преговорите, објавуваат дека станува збор за трговски договор меѓу САД и Обединетото Кралство, кој би можел да биде клучен за понатамошниот развој на билатералните економски односи.
Во меѓувреме, администрацијата на Трамп води преговори и со Индија, Израел, Јапонија, Јужна Кореја и Виетнам, како дел од пошироката стратегија за редефинирање на глобалниот трговски систем во корист на САД.
Во исто време, Соединетите Американски Држави воведоа нови царини до 145% за кинески стоки, додека Кина возврати со контрамерки од 125% за американски производи, дополнително продлабочувајќи го трговскиот конфликт меѓу двете светски сили.
Високи американски и кинески трговски претставници ќе се сретнат од 9 до 12 мај во Швајцарија, што ќе биде првата официјална средба на високо ниво откако Трамп ја презеде функцијата.
Американската делегација ќе ја предводат секретарот за финансии Скот Бесант и трговскиот претставник Џејмисон Грир, додека Кина ќе ја претставува вицепремиерот Хе Лифенг.
Оваа недела е потврден и трговскиот договор меѓу Велика Британија и Индија, кој го олеснува извозот на британски производи како што се виски и автомобили, а воедно ги намалува царините за индискиот текстил, обувки и други производи, објави CNBC.