Во времето на дигитализација и постојано документирање на секојдневието, сè повеќе семејства во Македонија се одлучуваат да ангажираат фотографи и на најтажните настани – погребите.
Иако за многумина ова звучи морбидно или непримерно, за други е начин на кој се чува споменот за последната проштална средба со блиските.
Фотографијата на погреб веќе не се смета за табу во делови од Скопје, Битола, Прилеп и во Тетово. Услугата најчесто ја бараат семејства кои имаат роднини во дијаспората или не можат да присуствуваат на чинот, но сакаат да го видат последното испраќање. Најчесто се снимаат само ритуалните моменти и делот на гробиштата, без премногу блиски кадри од ожалостените.
„На почетокот ми беше тешко. Имав чувство дека нарушувам нечии емоции. Но со тек на време, сфатив дека семејствата ми се благодарни што имаат нешто што ќе им остане како последна слика од родител, баба или дедо“, раскажува Дејан, 38-годишен фотограф од Скопје.
Според него, ангажманите се зголемиле по пандемијата, кога многумина не можеа да присуствуваат на погребите.
Во македонското општество, каде почитта кон починатите е длабоко вкоренета, фотографирањето на погреби е тема што предизвикува поделени мислења. Едни го сметаат за богохулство, други за начин на оддавање чест.
„Фотографиите ни помогнаа да ја прифатиме реалноста. Сестра ми живее во Канада и не можеше да дојде на погребот на мајка ни. Кога ѝ ги испратив сликите, се расплака, но исто така рече дека ѝ помогнало да се прости“, вели Лидија од Кисела Вода.
Цените на ваквите услуги варираат – од 2.000 до 6.000 денари, во зависност од времетраењето и дали се бара и видео-снимање. Фотографите велат дека се обидуваат да бидат „невидливи“, да не вознемируваат никого и да ја задржат сериозноста на моментот.
Психолозите, пак, советуваат внимателност при користење на вакви услуги.
„Не секој е подготвен да го гледа погребот како визуелен спомен. Може да биде трауматично. Но, за некои, тоа е дел од процесот на тагување“, вели психологот Сања Љубеновиќ.
И додека за едни оваа практика е чудна или неприфатлива, за други станува дел од модерната реалност.
Б.З.М.