Продолжениот викенд, како и високите температури, наведоа многумина да одат на краток одмор на море.
Покрај домашните туристи во Хрватска, поточно во приморскиот центар Биоград, најбројни беа туристи од Словенија, но и Германци, Чеси, Срби, Македонци… Иако сезоната е на самиот почеток, кафулињата и рестораните ги отворија своите врати и ги покажаа своите цени.
„Нè изненадија. Во кампот има околу 2.000 гости, и кампери и мобилни куќи. Отворивме, но не знаеме дали ќе продолжиме од понеделник. Нема луѓе што би работеле“ – изјави келнерка во едно од кафулињата за Вечерњи лист.
Цените само ќе растат
„Цените досега останаа минатогодишни, а сигурно ќе се зголемат во сезоната, барем од половина евро до едно евро. Па, бидејќи се високи во продавниците, сепак вреди да се јаде нешто надвор“ – рече друга келнерка во ресторан што ги отвори вратите порано.
Некои од угостителските објекти се реновираат со полна пареа. Се поставуваат нови покриви, се уредува ентериерот за да бидат подготвени да ги пречекаат гостите. А цените се, како што велат хрватските медиуми, „подносливи“.
Цената на топка сладолед се движи од 2 до 3,5 евра. Уштипците се 5 евра, а лепче со путер е 4 евра.
Пиците се стандардни од 11 до 15 евра, во зависност од типот. Коктелите се движат од 6 до 10 евра, но варираат од кафуле до кафуле. Ледениот чај чини 9 евра, а кампари шприц 7,5 евра.
„Платив помалку за кафе со млеко на самиот брег отколку во маалското кафуле во Загреб, само 1,80 евра, што пријатно ме изненади. Во местото каде живеам во кафуле на 200 метри оддалеченост, цената е 2,20 евра. Кока-кола е околу 3,50 евра, лимонада 3 евра“ – рече жена од Загреб.
Продавниците и трговските центри генерално имаат исти цени како во континенталниот дел од земјата. Цените се малку повисоки во малите приватни продавници, што е вообичаена пракса. Она што е изненадувачки е што некои кафулиња, киосци, па дури и месарници не прифаќаат плаќање со картички.
„Ако ова не ви е скапо, не знам што е“
И покрај убавото време и локацијата, дел од посетителите не беа импресионирани од цените и квалитетот.
„Топка сладолед за 2,5 евра? Претерано. Квалитетот е ист како и на други места – просечен. Тешко се наоѓа оброк што навистина вреди,“ вели еден од туристите.
Други пак предлагаат алтернативи: „За истите пари летајте до Малта или Грција и уживајте во нормални цени. Ова веќе нема смисла – скапо, пренатрупано, без гаранција за добар квалитет.“