Соединетите Американски Држави воведоа нови санкции против милитантната фракција на Мјанмар, Националната армија на Карен (КНА), нејзиниот командант Сава Чит Ту и неговите двајца сина.
Во објаснувањето на Министерството за финансии на САД се наведува дека санкциите се воведени поради организирање сајбер измами насочени кон Американци, трговија со луѓе и прекуграничен шверц, објавува Ројтерс.
Националната армија на Карен, предводена од Сава Чит Ту, долго време контролира регион на границата меѓу Тајланд и Мјанмар каде што дејствуваат неколку организации за сајбер измами, се вели во соопштението на Министерството за финансии на САД.
Граничниот град Мјавади, каде што се наоѓа седиштето на КНА, стана клучно бојно поле помеѓу силите на владејачката воена хунта на Мјанмар и бунтовниците кои се борат за контрола на овој дел од земјата, каде што годишно се тргува со милијарди долари прекугранична трговија, според Ројтерс.
– Операциите за сајбер измами како оние што ги води КНА генерираат милијарди долари приходи за водачите на бандите и нивните соработници, лишувајќи ги жртвите од нивните тешко заработени заштеди и чувство на сигурност. Министерството за финансии е посветено на користење на сите расположиви механизми за демонтирање на овие мрежи и повикување на одговорност на оние кои сакаат да профитираат од овие криминални шеми – изјави заменик министерот за финансии на САД, Мајкл Фолкендер.