Сондата „Космос 482“, која тежи 500 килограми, требаше да слета на Венера во 1970-тите, но поради дефект на ракетата, никогаш не ја напушти Земјината орбита.
И покрај фактот дека советското вселенско летало требало да слета на Венера, сега најверојатно ќе падне неконтролирано на Земјата.
Сè уште е прерано да се предвиди точно каде ќе падне или колку од половина тон метал ќе преживее влегувајќи во атмосферата на Земјата.
Холандскиот научник Марко Лангброек предвидува дека вселенското летало ќе влезе во атмосферата околу 10 мај и проценува дека, доколку остане во еден дел, ќе падне со брзина од 242 километри на час.
„Иако постои ризик, не треба премногу да се грижиме. Дури и да не се распадне, објектот е доста мал. Ризикот е сличен на случајниот пад на метеорити, од кои неколку паѓаат секоја година“, вели Лангброек.
Веројатноста навистина да удри некого или нешто е мала, но не може да се исклучи.
Советскиот Сојуз го лансираше вселенското летало „Космос 482“ во 1972 година, една од низата мисии насочени кон Венера. Сепак, никогаш не ја напушти Земјината орбита поради дефект на ракетата.
Поголемиот дел од него падна на Земјата во деценијата по лансирањето, но лендерот – сферична форма со дијаметар од еден метар – продолжи да кружи околу Земјата 53 години по елиптична патека, приближувајќи се сè повеќе.
Многу е можно капсулата да го преживее влегувањето во атмосферата. Изграден е да издржи спуштање низ густата атмосфера на Венера.
Сомнително е дека системот за падобрани воопшто функционира по толку многу години.
„Што се однесува до топлинскиот штит, и тој би можел да биде оштетен. Што не би било лошо, бидејќи тоа најверојатно би предизвикало вселенското летало да изгори во атмосферата“, вели Џонатан Мекдауел од Центарот за астрофизика на Харвард-Смитсонијан.
„Ако топлотниот штит издржи, ќе имаме половина тон врел метал што ќе падне од небото“, додава Мекдауел.